Поднесено обвинение за насилство врз телевизиска екипа

0
115

Основното јавно обвинителство Скопје до надлежниот суд поднесе обвинение против 53-годишник за кривично дело – Насилство според член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот, на 21 август, пред берберница во Старата скопска чаршија, малтретирал, грубо навредувал и насилнички се однесувал кон новинарска екипа на ТВ Алсат и предизвикал чувство на вознемиреност и страв кај сведоци на настанот.

Додека снимател и две новинарки снимале за потребите на телевизијата, тој најпрвин излегол од берберницата и започнал гласно да ги пцуе. Потоа влегол внатре и зел ножици, по што се вратил кај оштетените и директно им се заканил дека ќе ги убие. Тие започнале да се повлекуваат на друга локација, но во тој момент обвинетиот му пришол од зад грб на снимателот и го удрил со тупаници по главата. Оштетениот во прв момент изгубил рамнотежа од ударот и ја спуштил камерата. Потоа се исправил и започнал да се брани од ударите на обвинетиот. Наскоро интервенирале и други граѓани за да го спречат натамошното насилство и го одвлекле обвинетиот во берберницата.

Од поведувањето на постапката за осомничениот на сила се мерки на претпазливост.

извор: Обвинителство