Плусинфо: МОРА ДА СЕ БОРИМЕ ПРОТИВ ПРИДАВКАТА „СЕВЕРНОМАКЕДОНСКИ“ И ПРОТИВ ИМЕНКАТА „СЕВЕРНОМАКЕДОНЦИ“ Зошто спие нашата дипломатија?

Јазикот си има своја логика и тој нема да отстапи и ќе си функционира како што му е најприродно. За да отстапи од тој пат, мора да се применат надворешнојазични средства, а досега не изгледа дека македонската држава и нашето МНР можат и имаат капацитети да го направат тоа, коментираат лингвисти со коишто разговараше Плусинфо.

„Претседателката Фон дер Лајен утре ќе биде во Скопје на средба со северномакедонскиот претседател Стево Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски. Претседателката ќе се обрати во северномакедонскиот Парламент на свечената седница во 13 часот“, најави Европската комисија во јули минатата година.

„Сакам да им се заблагодарам на Северномакедонците за нивниот напредок“, рече францускиот претседател Емануел Макрон на прес-конференцијата по минатогодишниот Самит на ЕУ во Брисел.

Северномакедонските партии протестирале против Францускиот предлог кој е голем успех за бугарската влада“, изјави поранешниот бугарски премиер Кирил Петков во јуни минатата година.

Северномакедонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот јазик“, изјави преклани државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш.

Во еден од огласите за вработување објавени од американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој е ангажиран од Владата за изградба на делниците од коридорите 8 и 10Д е наведено: „Имаме потреба од лице ангажирано за односи со јавноста, кандидатот да има познавање на северномакедонски мајчин јазик“.

Ова е само мал дел од мноштвото намерни и ненамерни „лапсузи“ што ги направија видни и невидни политичари, бизнисмени, спортски коментатори, блогери, па и институции, од самиот момент на потпишување на Преспанскиот договор и носењето на одлуката за воведување на придавката „северна“ во името на државата.

Повеќе од очигледно е дека новиот „северномакедонски“ идентитет, за жал, станува реалност бидејќи сите го поврзуваат со новото име на државата, а овдешните официјални власти како веќе да кренаа раце и ретко, па дури и воопшто не реагираат на секојдневните „лапсуси“ или провокации коишто доаѓаат од страна.

Но, има ли воопшто начин како да се спречи општата прифатеност на придавката „северномакедонски“? Може ли оваа придавка да ни се одомаќини и во сопствениот јазик и секојдневие? Како да му кажеме на Французинот, Германецот или на Швеѓанецот, на пример, дека нашата држава официјално се вика Северна Македонија, ама дека ние сме Македонци и дека зборуваме македонски јазик, но и дека придавката „северномакедонски“ е на исто рамниште со пцовка?!

Плусинфо на оваа тема разговараше со истакнати домашни писатели, лингвисти и преведувачи. Сите до еден, вината ја префрлаат на македонските политичари и институции, најмногу врз Министерството за надворешни работи (МНР), кое треба постојано да реагира на ваквите погрешни употреби на придавката „северномакедонски“.

Тие предлагаат да се формира тело во рамките на МНР, кое би работело според определени механизми во насока на информирање на странската и на домашната јавност за неисправноста на зборот „северномакедонски“. Ова тело би реагирало и на инцидентите со „северномакедонски“ и во самата Македонија, а би било и одговорно за водење некој вид регистар на вакви „инциденти“ и за повремено објавување извештаи кои би содржеле статистики за бројот на инциденти и на реакции: за тоа колку од нив доаѓаат од друга земја, а колку однатре; потоа и за „сторителот“ на инцидентот (медиум, политичар, организација, итн.), како и други категоризации.

Можеме само да се сликаме!

После свршен чин нема каење, коментира Игор Радев, лингвист, синолог и преведувач, кој забележува дека не постои ефикасен начин за да се спречи општата прифатеност на придавката „северномакедонски“ во својство на атрибут накалемен врз сѐ она што ѝ принадлежи на нашата држава, како и на народот којшто живее во неа.

– Оној миг кога со Преспанскиот договор беше прифатено (настрана суптилното прашање за нијансите на легалноста и легитимноста на „прифаќањето“) преименување на државата во „Северна Македонија“ како ново име за севкупна (sic!) употреба, универзализацијата на придавката „северномакедонски“ стана неизбежна. Причината за тоа лежи во простата јазична прагматика. Секогаш кога постои именување квалификувано со некаков атрибут, придавката изведена од тоа сложено име ќе го содржи и атрибутот. Во светот имаме поредица држави, чие официјано име е квалификувано со некаква одредница: Јужен Судан, Нов Зеланд, Јужна Африка, Источен Тимор итн. Редовно во вообичаениот говор сите употребуваме придавки како – „новозеландски“, „јужноафрикански“…, па и демоними (именки за означување на народ) како – „Јужноафриканци“, „Новозеланѓани“ итн. Патем, кога сме кај именувањето на Јужна Африка, нејзиниот официјален назив (на англиски, но имаат и други 10 официјални јазици) гласи „Republic of South Africa“, меѓутоа, како ние службено ја ословуваме оваа држава на македонски? – „Јужноафриканска Република“, што би бил точен превод на (непостоечкиот) назив „South African Republic“, а не го користиме коректниот превод „Република Јужна Африка“. Гледате, и нам ни е полесно да употребиме сложена придавка дури и таму, каде што не треба. Така се однесуваат и со нас. Никој во странство нема да „крши јазик“ со изрази како – „владата на Северна Македонија“, „кошаркарите на Северна Македонија“ или „жителите на Северна Македонија“, туку ќе кажат просто: „северномакедонската влада“, „северномакедонските фудбалери“ и „Северномакедонци“. Зајакот лежи во еден банален психолингвистички феномен, кој би го нарекле „економичност на говорниот израз“. Односно, секогаш кога една иста смисла може да се искаже и со посложена граматичка конструкција во говорниот израз и со поедноставна, говорителот тежнее да ја изрази со поедноставната конструкција. Не можеме да одиме против природната склоност на ползувањето со јазикот. Говорниот јазик е како вода, која влечена од законот на гравитацијата тече од повисоко кон пониско во склад со теренот нужно по наједноставната, т.е. најкратката патека. Жалам, но на странците конструкциите со придавката „северномакедонски“ секогаш ќе им бидат поедноставни – објаснува Радев.

 

Текстот во целост на: Плусинфо.