Малта му ја прекина функцијата почесен конзул на Анѓушев

0
154

Поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев повеќе не е почесен конзул на Малта. Оваа функција на која што беше именуван во 2021 година, му е прекината од страна на Министерството за надворешни работи на Малта веднаш по обелоденувањето на инфрмацијата дека тој е ставен на црната листа на САД, објави DW.

Анѓушев беше на чело на конзулатот на Малта во Скопје од октомври 2021 година по одобрение од владата на Малта. „Times of Malta“ пренесува изјава од портпаролот на тамошното Министерство за надворешни работи кој вели дека никогаш не добиле никакви негативни информации за Анѓушев од неговото назначување во 2021 година.

„Со оглед на ваквите случувања, Министерството го прекинува неговото назначување со непосреден ефект и внимателно ги следи најновите случувања“, додава тој.

Замрзната соработка
На маргините на самитот на ОБСЕ, почесниот конзул на Малта во Северна Македонија, Кочо Анѓушев на 3 декември имаше работен доручек со министерот за надворешни и европски работи и трговија на Малта, Јан Борг. На состанокот се разговарало за ситуацијата во регионот во светло на идното проширување на ЕУ, за геополитичките случувања во Европа и пошироко, како и за можностите за економска соработка меѓу двете земји. На средбата стана збор и за организацијата на состанокот на почесните конзули на Малта, кој ќе се одржи во февруари 2024 година во Валета.

Но, ваквите планови паѓаа во вода по одлуката на Стејт департментот кој смета дека во времето додека Анѓушев бил на позицијата вицепремиер во Владата на Северна Македонија, ја злоупотребувал својата функција во корист на неговите приватни бизнис интереси. Освен на Кочо Анѓушев, забранет им е влез во САД и на неговата сопруга Елизабета, и на нивните деца Ангел и Огнен.

Анѓушев со соопштение најави дека ќе се жали на одлуката на американскиот Стејт департмент.

„Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт департмент и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата“, соопшти Анѓушев.

Текстот во целост на: DW