DW: Пендаровски чека ишарет – СДСМ не ги открива изборните карти

0
127

Актуелниот претседател Стево Пендаровски на пет месеци пред претседателските избори јавно не открива дали има намера да се кандидира за нов мандат. И во средата (6.12), како и неколку наврати претходно тој порача дека засега не размислува за кандидатурата, бидејќи е фокусиран на актуелниот мандат. Додека претседателот чека ишарет и од граѓаните и од политичките партии, во СДСМ се подготвува теренот и за претседателските и за парламентарните избори. Премиерот Димитар Ковачевски е убеден дека на пролетните избори ќе извојуваат двојна победа, објави DW.

„На претседателските избори на 24 април победник ќе биде претседателскиот кандидат предложен од СДСМ и коалицијата која што се залага за европска интеграција на Македонија. На парламентарните избори на 8 мај на вториот круг на претседателски избори победник ќе бидат и претседателот предложен од СДСМ и коалицијата предводена од СДСМ и јас повторно ќе бидам мандатар. И тоа ќе бидат и претседател и Влада со кои што Северна Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ“, рече Ковачевски во интервју за емисијата „360 степени“.

Профилот на кандидатите
СДСМ својот претседателски кандидат за изборите закажани на 24 април 2024 година ќе го бира преку дефинирана процедура, најдемократски, најавува премиерот. Партијата веќе има исцртано и профил на кандидат којшто се бара: станува збор за претседателски кандидат којшто треба да се залага за европска интеграција на државата, за надворешна политика која што е целосно усогласена со НАТО и ЕУ, којшто ги почитува меѓународните договори на државата и Преговарачката рамка со ЕУ.

„Треба да ги почитува сите граѓани без разлика на нивната, пред сè, етничка и која било друга припадност и претседателски кандидат којшто има визија за Северна Македонија како полноправна членка на ЕУ – со економски раст, со врвно владеење на демократија и право и социјална сигурност. Тоа е победничкиот кандидат и тоа е профилот на претседателски кандидат којшто СДСМ ќе го понуди и којшто ќе треба, нормално, да ги дели вредностите на нашите коалициони партнери“, вели Ковачевски.

Актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски „апсолутно влегува во профилот“ којшто го бара партијата, но дали СДСМ ќе истрча со веќе проверениот кандидат или ќе исфрли ново име во трката за претседател се очекува да стане појасно во наредниот период. Партијата засега не ги открива адутите со кои ќе се обиде да ја освои довербата на граѓаните. Во јавноста, пак, со месеци наназад во изборниот барабан се вртат неколку имиња од владејачката партија, меѓу кои и на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кои имаат амбиции да се кандидираат за највисоката функција.

Текстот во целост на: DW