Вселенскиот Патријарх Вартоломеј: Објавуваме на сите страни дека Константинопол е родителката и единствена Мајка Црква

Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј на денот кога се слави споменот на Свети Николај, Архиепископот Мирликиски, ја искористи можноста да испрати порака до сите страни на светот. Имено, тој чиноначалствуваше со Божествената Литургија што беше отслужена во базиликата на Св. Николај, кадешто се наоѓа и гробот на Мироточивиот Светител, во Мира (Демре) Ликија. Со Сесветиот сослужуваа Високопреосветените Митрополити: Халкидонски Старец г. Емануил, Деркиски Старец г. Апостол, Аркалохориски, Кастелски и Вијански г. Андреј, Писидиски г. Јов и Епископот Евдокијадски г. Амвросиј. Молитвено учествуваше и локалниот архијереј, Високопреосветениот Митрополит Мирски г. Хризостом, кој претстоеше на утрената богослужба.

Во својата беседа, Неговата Сесветост, се осврна на житието на славениот Свети Николај, нагласувајќи дека неговата поврзаност со  својата паства била толку силна и длабока, што „преминала во свеста на паствата како највозвишено дело на неговите чудотворења“, и од таа причина, „Христијанството од крај до крај, особено нашето Ромејство, (продолжило) да го чествува Свети Николај на секој можен начин што традиционалното благочестие го раѓа“.

„Всушност токму од овде, великиот Отец, обземен од божествена ревност, тргнал кон Никеја Витиниска на Првиот Вселенски собор, за таму автентично да ја возвеличи верата во Христа, да ги замолкне безумствата на еретиците, да не се исплаши пред Светиот Император, да се прогневи без да згреши и пресудно да придонесе во развојот, не само на теолошките, туку и на останатите прашања, со кои се занимавал соборот на Светите Отци.

На тој начин, нашиот Исток – тоа прекрасно дело на Светите Апостоли Петар и Павле, Андреј Првоповикан, Јован Богослов – претставува  историски начин и место на образувањето на Црквата во времето. Истокот не е само родното место на големи Светии, туку исто така и лулка на Црквата како што ја знаеме денес. Од оваа блажена, апостоло-чекорена и светителородна територија, територија на свештеноканонската јурисдикција на Престолот на Константинопол, се роди нашата теологија и еклисиологија. Овде, на овие наши простори, беа одржани Вселенските Собори, овде се обликуваше црковната свет под вид на помесност, а не под други критериуми, национални и останати, во служба на Господовото тело. Овде се образува премудро пентархијата и хиерархискиот ред на нивните Престоли. Границите, принципите и вредностите што се воспоставија, не своеволно, туку од страна на Светите Отци, кои веќе имаа спознание од историјата и свештеноста на секоја една област и според тоа одлучија така, бидејќи гледаа однапред на развојот и правецот на нештата.

Затоа од краиштата на оваа осветена Мала Азија на сите страни објавуваме дека родителката и единствена Мајка Црква, која ексклузино ја има привилегијата за сите Крстно да се жртвува, многупочитуваната помеѓу Престолите на нашиот Исток, чедољубивата матка, која ги роди, не безболно, помесните Цркви од Бугарија па сè до Украина, е Константинополската Велика Црква. Ова не го вели некоја од новите еклисиолошки теории,  изнајдена од овој што зборува, божемен Папа на Истокот, не е современа досетка, земена од некој химнолошки текст заради поетски израз, туку самото по себе е живеано искуство, вкус, чувство, завештание од Отците на Вселенските и останатите позначајни Помесни Собори. Сепак, е теорија, но непрекината и нераскинлива, најблажена и илјадапати благословена пракса на Црквата, што на Константинополската ѝ ја даваат привилегијата на Распнатиот, честа на шлаканици и „наместо вода, оцет“, правото на жртвено движение, позицијата да се биде Глава која постојано го носи трновиот венец на Владичното страдање!

Е, значи, ние, по милоста Божја, како смирени преемници на овие преданија, со силен глас објавуваме од овде дека под никаква причина нема да се откажеме од сето ова, нема да го отфрлиме, станувајќи дезертери од наложената ни сесвештена должност и испразнувачка одговорност. Штафетата на одговорностите и должностите на Великата Мајка Црква не ја подаруваме, бидејќи ја добивме со крв обоена и сме должни да ја предадеме неоштетена и чиста, како што со радост, но не и без труд, правиме веќе триесет и две години и ќе продолжиме, по молитвите на Пресветата Богородица!

Нема да слеземе од Крстот на којшто се прикова Црквата Константинополска, оти нè прикова Историјата и гласот на Отците. Од Крстот ние се научивме, се воспитавме, како да ги водиме сите: народи, раси и јазици, кон Воскресението. Ние ќе се сораспнуваме и ќе сострадуваме со Христа до свршетокот на векот, за светот да има живот и да го има во изобилие. Затоа, да застанеме добро, да стоиме со страв сите, оти Праведниот Судија нè очекува“.

Потоа, обраќајќи се на турски јазик, Неговата Сесветост, се осврна и на војните што продолжуваат на Блискиот Исток и во Украина, нагласувајќи дека тие длабоко се одразуваат на целото човештво.

„Денес дојдовме овде во храмот на Свети Николај за уште еднаш да се помолиме за мир. Се молевме војните да запрат што е можно побрзо, но и за повредените во обете области – во Украина и на Блискиот Исток. Мајките не смеат повеќе да плачат, децата не смеат повеќе да се плашат, животите на младите не смеат прерано да се гаснат. Се надеваме дека постојаниот мир ќе дојде во најбрзо можно време во нашите соседни земји, со кои го делиме истото море, Медитеранот“.

 

Бигорски манастир