Македонскиот дипломатски синдикат обвинува дека Османи за конзул во Њујорк испраќа штотуку вработен во МНР кој нема дипломатско звање

0
81

Македонскиот дипломатски синдикат обвинува дека министерот Бујар Османи за конзул во Њујорк испраќа штотуку вработен во МНР кој нема дипломатско звање.

Еклатантен пример за непочитување на внатрешните регулативи е упатувањето на г-нот Мухаби Синани на местото Генерален конзул во Њујорк, истото она место на кое министерот Османи не успеа да ја упати во тоа време ТВ презентерката Бесмира Ејупи. Имено, г-нот Синани, кој што од скоро е вработен во МНР од приватна фирма не исполнува услови за упатување во странство. Тој минатата недела веќе ги има одбрането тезите за упатување без притоа да има стекнато високо дипломатско звање кое е законски услов за именување на генерален конзул.

Дополнително имаме информација и дека оваа недела Синани треба забрзано да полага испити во МНР за унапредување од три нивоа нагоре, како неговото упатување би било приспособено на законските барања за упатување на ниво на генерален конзул. Ваквото забрзано полагање за унапредување од низок во висок ранг на дипломат е противзаконско и спротивно на сите принципи на кариерно напредување, кое што е во директна спротивност со на градењето квалитетна и сериозна дипломатија.

Исто така, дознаваме дека се подготвува упатување на г-нот Илми Селами од Чаир за амбасадор во Будимпешта, поради подигање на партискиот рејтинг на Османи во населбата Чаир.

Како дипломатски синдикат не се согласуваме со хипер партизацијата на дипломатијата и нејзина служба во приватни или партиски интереси, особено пред избори. Професионалните стандарди мора да бидат светост за секое идно раководство на МНР.

Приметуваме дека министерот Османи забрзано ги упатува своите најблиски соработници во странство, па така повеќе директори и други политички личности се упатуваат за амбасадори надвор од законски уредената процедура (без презентирање на тезите пред собраниската комисија за надворешна политика), а речиси целиот негов Кабинет забрзано се празни и заминува на различни позиции во странство, што навестува дека актуелното раководство се подготвува за големи промени во Министерството за надворешни работи.

Следното раководство на МНР треба да ја прекине ваквата пракса и да обезбеди континуитет на раководењето на нашата институција“, се вели во соопштението на Извршниот одбор на Македонскиот дипломатски синдикат.