Приватната фирма што го обезбедува М-НАВ доби засилување, нов тендер и полициска асистенција, по инцидентот на 4 јануари. Во меѓувреме се наметнува прашањето кој и како треба да ги обезбедува објектите од критичната инфраструктура, објави slobodnaevropa.mk.
Полицајци им помагаат на приватното обезбедување на државната компанија за воздушна навигација М-Нав, по инцидентите од 4 јануари, велат два независни извори за Радио Слободна Европа. Интервентна полиција и полицаец во цивилка, сега се дел од обезбедувањето на М-НАВ. Новиот тендер за обезбедување на М-НАВ е во рацете на компанијата 2СС од Кичево.
Потпис на склучениот договор ставиле поранешните директори Фахрудин Хамиди, Љубе Стаменковски и актуелниот Хасим Деари. Оваа компанија и на двата тендера до сега била единствен понудувач, покажуваат податоците од Биро за јавни набавки.
М-НАВ е компанија во државна сопственост, која делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај. Таа спаѓа во објект од критична инфраструктура. Оттаму не откриваат детали за тендерот, посочувајќи дека тој е јавно објавен на Бирото за јавни набавки.
Од М-НАВ не одговорија на прашањето зошто како објект од големо инфрастуктурно значење за државата М-НАВ ги обезбедува приватна фирма, наместо свои вработени во компанијата или пак државно обезбедување.
„Ве известуваме дека дека сме во постапка на именување на нови членови на УО на М-НАВ АД Скопје“, се вели во кусиот одговор на маил од М-НАВ.
Приватна фирма да обезбедува објекти од критична инфраструктура само по себе не е спорно, вели полковникот и професор Методи Хаџи Јанев. Но, додава дека ова отвара низа прашања и сомнежи за тоа како е доделен тендерот.
„Приватни фирми не можат туку така да добијат таков тендер, мора да имаат капацитет за да се квалификуваат. Второ, тие подложат на строги контроли, на пример, треба да покажат колку од тие лица имаат капацитет и каде завршиле антитерористички курсеви, каде завршиле курсеви за обезбедување на критична инфраструктура, затоа што не може кој било стражар, што е вработен во обезбедување да го ставите, а само што добил лиценца од Бирото за приватно обезбедување и вие да го ставите таму. Токму овие сегменти го прават порозен материјалот, “ вели Хаџи Јанев.
До објавувањето на овој текст РСЕ не доби одговори на прашањата кои ги постави до кичевската фирма за обезбедување „2 СС “.
Според Хаџи Јанев во ваква консталација огромен е ризикот по безбедноста и треба да се преиспита одговорноста на тие кои што го потпишале тендерот, тие што утврдиле дека се исполнети критериуми за јавната набавка. Проблемот лежи во тоа што во земјава нема критериум за критична инфрастуктура, нема закон за тоа, нема критериум кои се минимум услови што треба да ги исполни една фирма за да обезбедува таков објект.
„Ова е сериозен проблем, ние си играме држава. Не е проблем приватна фирма да обезбедува, проблемот е на друго место, проблемот е во корумпираноста, проблемот е во партизацијата, проблемот е во девастација на 30 години во безбедносниот сектор, тука е проблемот. Се однесуваат арогантно кон тој систем и го нихилизираат и го управуваат луѓе кои блага врска немаат со безбедноста, тоа е главниот проблем “ вели Хаџи Јанев.
За упадот во М-НАВ обвинителството отвори истрага против осум лица осомничени за кривичното дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај меѓу кои и за советникот на поранешниот директор, Беким Незири, кој е и поранешен министер од редовите на ДУИ.