Бајден: Тројца американски војници загинаа во напад со дрон во Јордан

Тројца американски војници загинаа, а многумина беа ранети во напад со беспилотно летало врз американските сили стационирани во североисточниот дел на Јордан, во близина на границата со Сирија, изјави денеска американскиот претседател Џо Бајден.

Според него, зад нападот стојат групи поддржани од Иран.

„Додека сè уште собираме информации за овој напад, знаеме дека е извршен од радикални групи во Сирија и Ирак кои имаат поддршка од Иран“, рече Бајден.

Ова е прв случај во кој американски војници се убиени во регионот од почетокот на војната во Појасот Газа.

Бајден појасни дека нападот бил извршен синоќа.

„Ќе останеме верни на нивната решеност да се борат против тероризмот“, рече американскиот претседател за убиените војници.

„Без сомнение, ќе бараме одговорност од сите во време и на начин што ние ќе го избереме“, додаде Бајден.

Во изјавата тој не го прецизира бројот на американски војници повредени во нападот, но според Си-Ен-Ен, имало најмалку 20.