Стечајна постапка е отворена за „Еуроникел индустри“

0
49

Стечајна постапка е отворена за „Еуроникел индустри“ денеска во Основен суд Кавадарци. За стечаен управник е назначен Ацо Петров од Скопје. Со судското рочиште раководеше стечајниот судија Елизабета Петковска.

Ова беше одлучено на денешното рочиште на кое се испитуваше постоењето на услови за отварање на стечајна постапка, на кое присуствуваше МИА.

Стечајниот предмет беше поведен по предлог на тројца доверители. Една прилепска компанија, јавно претпријатие од Кавадарци, како и вработени во фабриката. Претставниците на доверителите, рекоа дека сметаат оти покрај обврските, должникот чија сметка била блокирана повеќе од 45 дена и законски има услови за стечај, има и имот од кој би можела да се формира стечајна маса и да се намират доверителите преку сразмерен процент.

На рочиштето беше презентиран извештајот од досегашната привремена стечајна управничка, Љубица Зајкоска од Прилеп, за економско – финансиска состојба на должникот и преземените мерки за обезбедување на имотот. Биле анализирани податоци за последните пет години, земени податоци од различни субјекти.

Анализата за 2019, 2020, 2021 и 2022 година, покажува дека должникот цело време бил во добивка, но последната година, таа била 26 пати помала од 2019 година. Анализата за 2022 година покажува дека вкупни побарувања има над пет милијарди денари, или 5.748.924.154. денари, а обврски, близу пет милијарди, или 4.823.845.233 денари. Според имотен лист, компанијата нема недвижен имот. Има возила, залихи роба во готови производи никел, резервни делови и ситен инвентар, канцелариска опрема и залихи и авто делови во централен магацин, појасни Зајкоска, нагласувајќи дека 670 вработени побаруваат по четири плати во вкупен износ од 133.823.193 денари.

Таа додаде дека книговодствено, компанијата има побарувања и од домашни и странски субјекти и од државни институции, но нивната веродостојност ќе се испита во отворената стечајна постапка.