Пратеници на Алијансата за Албанците ги претставија новите кандидати за министри, за кои тврдат дека биле одраз на едногласна одлука на партијата да ги смени актуелните министри Меџити и Алиу. Координаторот на пратеничката група Аднан Незири рече дека има мнозинство за разрешување на министрите, објави slobodnaevropa.mk.
На само десет дена од изборот на Техничката влада со мандат да ги организира изборите, во тек е процес за нејзино прекројување. На пленарната седницата на 9 февруари точка на дневен ред е разрешување на двајца министри од Алијансата за Албанците: министерот за здравство Фатмир Меџити и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, откако премиерот Талат Џафери на 7 февруари формално достави ваков предлог до пратениците.
Пред седницата која попладнето започна со расправа и гласање за други точки, координаторот на пратеничката група на Алијанса за Албанците Аднан Незири ги претстави новите кандидати за министри, велејќи дека Управниот совет на партијата донел едногласна одлука Меџити и Алиу да бидат разрешени од функциите поради нивното однесување „спротивно на прозападната ориентација на партијата.“
„Управниот совет на Алијанса за Албанците едногласно одлучи за министер за здравство да биде предложен Илир Демири – актуелен директор на Клиниката во Тетово, а за министер за информатичко општество и администрација Наим Бајрами – магистер по политички науки“, рече Незири кој истакна дека има мнозинство во Собранието кое денеска ќе ја заврши работата за разрешување на Меџити и Алиу.
За да биде разрешен министер потребни се 61 глас на пратениците, а исто толку гласови се потребни и за негов избор.
Седницата за разрешување на Меџити и Алиу по жестокото конфронтирање меѓу актуелниот партиски лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, и неговиот претходник, Зијадин Села за тоа како партијата да се позиционира за претстојните парламентарни избори на 8 мај.
Алијанса за Албанците е актуелен партнер во Владата, но актуелниот лидер Таравари сега се залага за партијата да се приклучи кон опозицискиот блок. Ставот на Села е дека партијата треба да се настапи на изборите самостојно. Меѓу двата табори изминативе денови имаше физички пресметки, а Таравари доби порака со неиспукан куршум пред неговата куќа.
Таравари е против таборот на Села за кој вели дека „ тие мислат дека промени се прават со ДУИ, а ние мислиме дека промените се прават преку Алијанса за Албанците и со некои други албански партии“, изјави тој на 8 февруари од Куманово од каде соопшти дека бил на состанок со членови на Централното собрание на партијата.
По средбата во Куманово, Таравари рече дека добил поддршка од мнозинството членови да се приклучи на опозицискиот Европски сојуз за промени.
„Делегатите гласаа за мојот предлог. Ви благодарам од сè срце за довербата! Алијансата за Албанците официјално одлучи да се приклучи на опозицијата. 8 мај е поблиску од кога било. Промената започна“ напиша Таравари на Фејсбук.
Незири денеска рече дека собирот во Куманово не бил легитимен според Статутот на партијата, и според него, легалното Собрание на партијата ќе биде в сабота.
По сабота на 10 февруари ќе биде појасно кој пат ќе го фати партијата, за кога е закажана седница на Централното собрание која ја свика Села и најави дека на неа ќе се одлучува за одговорноста на Таравари како претседател на партијата.
Алијанса за Албанците има тројца министри во Пржинската влада. Пред денешната седница беа Алиу и Меџити, како и Кренар Лога – министер за правда. Тие се поделени во поддршката за Таравари и Села.
Лога оцени дека собирот на поддржувачите на Таравари во Куманово е нелегитимен. Тој додаде дека Зијадин Села ќе го чека Таравари и членовите на Централното собрание во сабота во 13 часот за изборниот настап на Алијанса за Албанците.
Повикот на Таравари за приклучување кон опозицскиот Европски сојуз за промени претходеше средба што тој ја имаше на 30 јануари во Приштина со водачите на оваа коалиција и со косовскиот премиер и лидер на тамошната партија Самоопределување, Албин Курти.
Пет дена пред оваа средба, пак, во медиумите беше пренесена изјава од претседателот на Алијанса на Албанците дека тој е за самостоен настап на парламентарните избори.
Дел од Европскиот сојуз за промени се Билал Касами (Беса), Африм Гаши (Алтернатива) и Изет Меџити (Демократско движење) кој до пред неполна година беше функционер во ДУИ. Со некои од нив, Алијанса за Албанците во своето речиси еднодецениско постоење веќе има искуство со пред и постизборна соработка.
Алијанса за Албанците беше формирана во 2015 година, а произлезе од Демократската партија на Албанците (ДПА) на Мендух Тачи.
Зијадин Села тогаш иницираше движење за реформи во ДПА, а набргу потоа следуваше основањето на Алијанса за Албанците на чие чело застана тој.
На првиот самостоен настап на парламентарните избори во декември 2016 година, АА освои 35.118 гласови, со кои доби три пратенички места. По овие избори, партијата во 2017 година влезе во владина коалиција со СДСМ и ДУИ и доби две министерски места – Арбен Таравари стана министер за здравство, а Сухејл Фазлиу министер за локална самоуправа.
Но, за помалку од една година, партијата тогаш ја напушти власта и премина во опозиција. Таравари, во меѓувреме, стана градоначалник на Гостивар по локалните избори во октомври 2017.
На следните парламентарни во 2020, Алијанса настапи во коалиција со Алтернатива и освои 81.620 гласа, што коалицијата донесоа 12 места во парламентот од кои осум ги пополнија пратеници од Алијанса. Партијата предводена од Села остана опозиција, а со коалицискиот партнер од пред изборите се разделија крајот на 2021 кога Алтернатива предводена од Гаши реши да влезе во владата на СДСМ и ДУИ, на местото на тогаш третиот владин партнер Беса.
Во февруари 2023, двајцата партнери си ги заменија местата – Алтернатива отиде во опозиција, а Алијанса влезе во власта.