Градот Скопје во текот на денешниот ден редовно ќе се снабдува со вода, без никаков прекин во снабдувањето, соопштија од Водовод и канализација.
За жал, на социјалните мрежи од страна на неовластени лица беа објавени и ширени неточни и непроверени информации, при што против овие лица јавното претпријатие Водовод и канализација ќе превземе соодветни чекори за утврдување на одговорност поради обид да создадат несигурност кај граѓаните на градот Скопје, стои во соопштението.
Од „Водовод“ додаваат дека сите населени места во Градот Скопје ќе бидат целосно и редовно снабдени со вода за пиење.
Претходно преку соопштение до медиумите од претпријатието известија дека поради интервенција на главната водоводна цевка Ф1600 мм во Рашче, в недела од 17:00 часот намален притисок или прекин на водоснабдување ќе имаат повеќе населени места во Скопје.
Како што соопштија од ЈП „Водовод и Канализација“, намален притисок или прекин на водоснабдување ќе има во Арнакија, Сарај, Глумово, Горна Матка, Долна Матка, Ѓорче Петров, Влае, Карпош, Жданец, Нерези, Центар, Клинички центар, Кисела Вода, Усје, Пинтија, Драчево, Батинци, Студеничани, Моране, Дел од Гази Баба, Чаир, Скопје Север, Топаанско Поле, Автокоманда и Аеродром.