Според последните податоци, во Германија живеат 23,8 милиони луѓе со мигрантско потекло, што е близу 30 отсто од населението. Половина од нив имаат германско државјанство и повеќето се родени во Германија.
За нив се разговараше и на таен состанок во Потсдам на крајот на ноември, на кој присуствуваа политичари од десничарската Алтернатива за Германија (АфД), како и членови на конзервативното крило на Христијанско-демократската унија (ЦДУ).
На оваа средба, како што дознава и објави истражувачката мрежа Коректив во јануари, се разговарало за плановите за „ремиграција“ -односно за депортација на голем број граѓани од мигрантско потекло, без разлика дали имаат германски пасош.
Германските државјани од странско потекло би биле депортирани доколку, како што се наведува, не биле асимилирани.
„Недвосмислено неуставно“
Но, државјанството е посебно заштитено со германскиот устав. Членот 16 вели: „Германското државјанство не може да се одземе“.
Одредбата беше вметната во Уставот под влијание на националсоцијалистичката практика на принудно протерување и лишување од државјанство, особено на граѓаните со еврејско потекло.
„Оваа заштита важи и за лицата со двојно државјанство“, нагласи експертот за уставно право Улрих Карпенштајн, потпретседател на германската адвокатска комора, во изјава за АРД.
Иако Уставот дозволува некои исклучоци за двојно државјанство, тој дава многу малку опции за одземање на државјанството, на пример кога станува збор за терористички активности.
Дури и да се додадат некои нови опции кои би можеле да доведат до одземање на државјанството, тие во никој случај не треба да се поврзуваат, да речеме, со бојата на кожата, како што беше дискутирано на состанокот во Потсдам.
„Исто така, можните причини за одземање на државјанството не смеат да бидат поврзани со потеклото, ниту со концептот на асимилација“, објаснува Карпенштајн. „Тие планови се недвосмислено неуставни. Ќе мора да го игнорирате и германскиот Устав и меѓународните конвенции за човекови права“.
Граѓаните се плашат
Плановите за масовно депортирање, кои предизвикаа милиони Германци да протестираат против АфД веќе неколку недели, предизвикуваат страв кај многумина во Германија.
Во репрезентативното истражување објавено од АРД, 51 отсто од испитаниците со мигрантско потекло изјавиле дека плановите им предизвикуваат голем или многу голем страв. Исто така, 48 отсто од испитаниците без странски корени на ист начин гледаат на ова прашање.
На западот од земјата стравот е малку поголем (49 проценти) отколку во провинциите што ја сочинуваа ГДР (42 проценти), нема значителни разлики во возрасните групи – само кај луѓето на возраст од 35 до 49 години стравот е нешто помал и изнесува 41 отсто.
Стравот е особено изразен кај приврзаниците на Зелените и Социјалдемократите со 69, односно 61 отсто. Само осум отсто од поддржувачите на АфД се плашат, додека 76 отсто одговориле дека нивниот страв е помал или воопшто го нема.
АфД се оградува
АфД се огради од состанокот во Потсдам и тврди дека тоа бил „приватен собир“.
Партијата неодамна во официјален документ објасни дека нејзиниот концепт за таканаречена „ремиграција“ вклучува мерки и стимулации за уставно и законско враќање на странците кои се должни да ја напуштат Германија, бидејќи нивното барање за азил е одбиено.
„Одлучно ги отфрламе неуставните барања како што се (… ) депортации на германски државјани со мигрантско потекло“, се наведува.
Но, на почетокот на јануари, набргу откако Коректив објави за состанокот во Потсдам, АфД на мрежата Х објави дека треба „да им ги одземе пасошите на криминалците, терористите и силувачите, како и на оние кои се сметаат за потенцијална закана за општеството“.
„Автоматскиот систем, според кој криминалците не се депортираат затоа што поседуваат германско државјанство, мора да биде укинат“, се вели во цитатот на партискиот копретседател Алис Вајдел.
DW