Министерството за внатрешни работи (МВР) вечерва информира дека од денеска е ставена во функција, најавената можност, граѓаните на Скопје кои се фотографирале за нови патни исправи во редовна постапка на пунктовите „Пролет“ и „МТВ“, да го проверат статусот на нивниот пасош.
Како што се појаснува во соопштението од МВР, може да се види дали пасошот е во процес на изработка или тој е изработен и може да се подигне.
„Со оваа функција, значително ќе се придонесе кон намалување на гужвите што се создаваа, бидејќи граѓаните беа принудени да чекаат и по неколку часа, само за да се информираат дали нивниот пасош е изготвен“, се наведува во соопштението.
Од МВР информираат дека во тек е надградување на овој систем, со цел да се овозможи ваквата проверка да биде достапна и за останатите пунктови, како и за статусот на личните карти.
Проверката може да се направи на https://termin.mvr.gov.mk/document_status