(ФОТО) Владата ја замрзна цената на лебот, но што е со грамажата?

0
192

Цените на некои основни продукти Владата ги замрзна, но, што е со грамажата? Граѓаните реагираат дека се излажани. Велат дека грамажата која е запишана на обвивката не е иста доколку се стави производот на вага. Пример за тоа е купен запакуван леб на кој пишува дека тежи 470 грама + – 5%. Но, истиот леб ставен на вага покажува дека тежи 382 грама.

„Видно се познаваше дека е намалена грамажата. Не само на лебот, намалена е грамажата и на други производи. На одредени масла, макарони, грав…“, вели читател на NEWS1.MK.

Инаку покрај лебот од утре треба да поевтинат тестенините за 15 отсто, а млечните производи за 10 проценти. Нивните цени се намалуваат согласно со одлуката што Владата ја донесе минатата недела.

Со одлуката, од тестенините опфатени се макароните и шпагетите. За нив, од 13 март до 31 мај годинава се укинати увозните царински давачки. Само со укинување на царината, според пресметките на Владата, нивната цена се намалува за осум до девет денари во просек во малопродажба. Од Владата очекуваат намалувањето да биде и поголемо.

До 31 мај ќе биде во сила и одлуката за замрзнување на цената на млечните производи: трајно кравјо млеко со 2,8, 3,2 и 3,5 отсто масленост, урда, кравјо и мешано бело сирење, кравји кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера соопшти дека при крај се и анализите кои треба да покажат дали ќе бидат замрзнати цените на шеќерот, јајцата и оризот.

Пазарната инспекција од утре на терен ќе врши контроли по маркетите за да види дали се спроведува одлуката за замрзнување на цените на тестенините и млечните производи

Државниот пазарен инспекторат објави дека ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со одлуките, но нема надлежност да постапува ниту, пак, да влијае врз формирање на цените во трговијата на големо и трговијата на мало.

Апелираат да се почитуваат одлуките, а исто така ги повикуваат граѓаните, доколку забележат неправилности, веднаш да пријават во Пазарниот инспекторат.

Цените на основните прехрамбени производи се замрзнаа, но внимавајте на грамажата.

фото: NEWS1.Mk