Зет на Заев седна на обвинителна клупа за случајот „корнишони“

Поднесено е обвинение за зетот за прва братучетка на Заев, Атанас Костов. Обвинет е дека со помош на фиктивни побарувања сакал да избегне извршување на пресуда од 4 милиони евра. Му помогнале извршител и нотар. Арбитражен суд во Виена пресуди во корист на австриска АММА во спорот со фирмата на Костов.

  • Основното обвинителство во Велес поднесе обвинение против Атанас Костов, зет за прва братучетка на Заев, Емилија Заева Костова.
  • Осомничен е дека со фиктивни фактури се обидел имотот на сопствената фирма „Дена Продукт“ да го префрли на фирмата „Глобал Трејд“ во сопственост на неговата сопруга со цел да избегне да го плати долгот на австриската компанија АММА од 4 милиони евра
  • Граѓанскиот суд во Скопје отвори стечајна постапка за фирмата „Дена Продукт“ во исто време кога велешкиот суд забрани отуѓување на имотот
  • Австриската амбасада го следи судскиот процес во Велес

 

Обвинителство: Обид со „измамнички дејствија“ да се избегне долг од 4 милиони евра

Градот Велес повторно стана седиште на валандовската фирма за корнишони „Дена Продукт“ чиј управител и сопственик е зетот за прва братучетка на екс премиерот Зоран Заев, Атанас Костов. Токму поради ова велешкото обвинителство ја доби надлежноста за истрага за случајот за кој алармираше австриската амбасада во Скопје.

После повеќе од половина година откако Радио Слободна Европа пишуваше за случајот „корнишони“, Обвинителството поднесе обвинителен предлог против Костов во кој е опфатен и управителот на фирмата „Глобал Трејд“, каде пак сопственик е сопругата на Костов, Емилија Костова Заева, но и против нотар и извршител.

РСЕ присуствуваше на подготвителното рочиште во судот во Велес кое се одржа на 12 февруари 2024 година, но таму не се појави ниту еден од обвинетите. Според обвинението во кое РСЕ имаше увид, Костов со помош на фиктивни фактури сакал да ја „осиромаши“ сопствената фирма, со цел австриската АММА, на која и должи околу 4 милиони евра, да не може да си го наплати долгот.

АММА има правосилна пресуда која ја доби на арабитражен суд во Виена, а РСЕ пишуваше за начинот на кој Костов успеал да ги „изигра“ сопствениците на АММА од Австрија.

Обвинителниот предлог кој го поднесе обвинителката Гордана Тодорова се опфатени настани кои се случувале во периодот од февруари 2022 година до октомври 2023 година.

Според обвинението, Костов имал намера да овозможи имотот на должникот „Дена продукт“ да премине во сопственост на фирмата „Глобал Трејд“ на неговата сопруга и со тоа да ја спречи можноста за исплатување на оштетениот „АММА Хоеменс“ Австија во висина од 3.886.473 евра.

Обвинетиот Атанас Костов во исто време бил управител и на „Дена продукт“ – Велес и на „Глобал Трејд“ – Валандово, каде пак сопственик е неговата сопруга Заева Костова.

„Со повеќе измамнички дејствија вистински ја загрозил имотната состојба на Дена продукт така што создавал фиктивни обврски, фактури, позајмици и извршил промена на управителот на Глобал Трејд. Нов управител е запишан Томчо Органџиев кој со умисла му помогнал на обвинетиот Атанас Костов.“, пишува во обвинението.

slobodnaevropa.mk