Почитувани наши, од денес попладне, па се до првите денови од следната седмица во Македонија следува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. Во среда и во четврток ќе биде и нестабилно, со локални обилни врнежи од дожд (над 35 л/м2), силен ветер (над 70 км/час), електрични празнења и со услови за локална појава на силен град. Секако каде што ќе има вакви појави, процесите ќе бидат застапени во форма на невреме, и тоа особено во централните, како и во источната половина од Македонија, а услови за појава на локално невреме во среда и во четврток ќе има и во Скопскиот регион.
Релативно топло ќе се задржи уште утре преку ден, меѓутоа од четврток, а особено од петок насекаде низ Македонија поради спуштање на значително постудена воздушна маса од север и од северозапад, температурите нагло и значително ќе опаднат (дури за повеќе од 10-15 степени во споредба со сегашните), па токму поради ова на планините и на повисоките места, особено во западните и во северните предели ќе има врнежи од снег, со што ќе се формира и снежна покривка.
Снежната покривка која ја очекуваме на планините ќе биде со висина од над 10-20 цм, локално, особено на високите планини таа би можела да биде и многу поголема. Снежна покривка за време на викендот би можела да се формира понекаде и во повисоките населени места, а снежната граница би можела да се спушти дури и под 1000 метри надморска височина.
Се на се, да се подготвиме за значително студено и врнежливо време кое ќе трае подолг период, односно одсега гледано се до крајот на овој месец, а ќе има и чести врнежи од дожд и снег. Ако планирате работа на отворено, или пак да се раскренете пред Велигденските празници, (варосување, или пак отскривање на вашата куќа, тоа во никој случај да не го правите), пишува во најновиот метео извештај, метеопрогнозерот Славчо Попоски.