Против Мерко се водат 6 постапки, струшките обвинители под лупа

0
176

Вкупно 6 кривични пријави се доставени до Основното јавно обвинителство против струшкиот градоначалник Рамис Мерко. Во соопштението од Обвинителствито е наведено дека по сите пријави се постапува и дека постапките се во различни фази. Овие одговори на Обвинителството доаѓаат по завчерашната објава на Стејт Департментот во која струшкиот градоначалник Мерко и неговото потесно семејство се ставени на „црна листа на САД“, поради корупција и мешање во судски предмети, објави slobodnaevropa.mk.

Во соопштението на Обвинителството е посочено дека исклучително сериозно ги зема предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на ова лице врз постапките.

„Од тие причини, обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност,“, се посочува во соопштението.

Најголемиот предмет по кој сега постапува Обвинителството е кривична пријава од Управата за финансиска полиција која се однесува на злоупотреба на службена должност со предизвикување на посериозна штета на буџетот при јавна набавка.

„Обвинителот што постапува во предметот издал Наредба за вештачење до Бирото за судски вештачења, по доставените наоди во три наврати е побарано дополнување на вештачењето. Предметниот обвинител се уште го чека постапувањето по Наредбата за дополнување издадена во февруари 2020 година,“ се вели во соопштението.

Група адвокати му поднеле кривична пријава на Мерко во Обвинителството за борба против организиран криминал во врска со ангажмани за адвокатски услуги во општината. Од Обвинителствито велат дека предметот е во предистражна постапка.

Против струшкиот градоначалник е поднесена и кривична пријава за измама и злоупотреба на службена должснот поврзано со предмет за експропријација на земјиште во Струга.

„По слични наводи постапувало и ОЈО Струга и ОЈОГОКК, по што двата предмети се споени, обезбеден е судскиот предмет и дел од списите кои се наведуваат во пријавата. Се наоѓа во фаза на предистражна постапка“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Здружение на граѓани во април годинава поднело кривична пријава против Мерко за злоупотреба на службена положба, по што струшкото обвинителство ги проверува наодите. Дополнително Мерко се поднесени и две други пријави од граѓани за кои во тек е предистражна постапка, но повеќе детали за ова не соопштуваат од Обвинитеството.

Од Обвинителството велат дека во текот на изминатите години против лицето се водени и повеќе други постапки по поднесени пријави од различни субјекти и институции.

„Црната листа“ на САД ќе се проширува и покрај името на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на неа ќе се најдат и други македонски граѓани, рече на 21 јуни американската амбасадорка Анџела Агелер.

извор:slobodnaevropa.mk