Приходи за изборната кампања на претседателските кандидати (први 10 дена од кампањата)

0
40

Празни и нецелосни извештаи за финансирање на изборната кампања доставиле дел од претседателските кандидати до ДИК. Некои кријат колку пари собрале, други пак, колку потрошиле. ДИК се оградува од одговорност за содржината на извештаите, надлежни за тоа биле антикорупционерите и ревизорите.

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Бујар Османи не ја исполниле во целост законската обврска да достават основни информации за примени донации во првите десет дена од изборната кампања. Тие доставиле финансиските извештаи до Државната изборна комисија, ама празни, без ниту еден податок во нив освен печат и потпис на овластените лица во кампањата како и бројот на трансакциските сметка во банка за изборната кампања.

Според Изборниот законик, претседателските кандидати се обврзани да поднесат три финансиски извештаи до ДИК и тоа првиот на 11 ден од кампања, вториот на 20 ден од кампањата, а третиот вкупен извештај треба да го достават по изборите.

„Предвидено е дека тие се поднесуваат на образец што го пропишал министерот за финансии, а во кој има податоци за име односно назив на донаторот, вид и вредност на донациите, датумот на добивање донации и расходите за секоја донација и приходи и расходи за време на изборната кампања, како и податоци за донации примени од трето лице“, се вели во Изборниот законик.

Од Државната изборна комисија велат дека не се надлежни за содржината на извештаите, за нив е битно да се испочитува роковникот, а тоа е да бидат доставени на време.

„Државната изборна комисија нема никакви права и овластувања да ги проверува и да постапува по финансиските извештаи на учесниците во изборите, тоа е во надлежност на Државниот завод за ревизија. Истите извештаи учесниците во изборите ги доставуваат и до Државната комисија за спречување корупција“, се вели во одговорот од ДИК на прашањето зошто е дозволено да се објават празно и нецелосни извештаи на претседателски кандидати.

 

 

slobodnaevropa.mk