Владата бара да запре изградбата на стадионот во Тетово, додека нема правна разврска

0
73

Владата на Република Македонија, по побарано мислење од Уставниот суд, го разгледа случајот со користењето и случувањата околу Новиот стадион во Тетово и донесе неколку заклучоци.

Владата, во разгледувањето, ја имаше предвид иницијативата до Уставниот суд, за оценување на уставноста и законитоста на постапките поврзани со Стадионот, а каде е посочено дека Новиот фудбалски стадион, со владина одлука во 2015 година, е даден на трајно користење, без надомест на Општина Тетово. Општината, како што е наведено, без законски основ, го дала Стадионот на трајно користење на ЈП „Тетово транспорт“. Дури, градоначалникот на Општина Тетово, Општина Тетово и ЈП „Тетово транспорт“, на јавен настан промовирале проект за рушење и изградба нов градски стадион.

Влада при носењето на заклучоците на денешната седница ги зеде предвид и одредбите на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, според коишто, надлежност да дава на трајно користење и да утврдува престанок на корисничко право, има само Владата на Република Македонија.

Заклучено е, Генералниот секретаријат на Владата да подготви комплетна информација во врска со статусот на објектот Нов фудбалски стадион – Тетово, КП бр. 11476. Во меѓувреме, да се испрати укажување до Општина Тетово, да се прекине со работите на теренот, додека нема правна разврска на случајот. Исто така, Владата одлучи да се обрати со препорака до Уставниот суд, да ја земе предвид итноста на овој случај и да се произнесе во врска со поднесената Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на постапувањето во него. Владата заклучи и да се разгледаат правни основи, согласно Кривичниот законик, за покренување соодветна пријава до надлежните органи, во врска со овој случај.