Владата на Република Српска одлучи да понуди договор за „мирна разделба“ со Федерацијата на Босна и Херцеговина

0
78

Владата на Република Српска (РС) во следните 30 дена ќе состави договор кој ќе му биде испратен на другиот босанскохерцеговски ентитет, Федерацијата на Босна и Херцеговина, а кој ќе се однесува на „мирна разделба“ во Босна и Херцеговина, соопшти премиерот на РС, Радован Вишковиќ, по седницата на Владата на РС одржана во четвртокот на 23 мај.

Седницата на Владата на РС се одржа во пресрет на денешната седница на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), на чиј дневен ред е Резолуцијата за Сребреница.

„Ова не е отцепување, мирната разделба не е отцепување, уставно загарантираното право е мирното раздружување. Ние ќе понудиме разделба, бидејќи ако не сметате за геноциден народ, што не сме, тогаш не мораме да живееме заедно“, рече Вишковиќ, без да се наведе други детали за чекорите што ќе се преземат.

На седницата присуствуваше и претседателот на РС Милорад Додик.

Резолуцијата со која се предлага 11 јули да биде прогласен за Меѓународен ден на сеќавањето на жртвите од геноцидот во Сребреница и го осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници, беше спонзорирана од триесет земји. Официјални предлагачи на резолуцијата за Сребреница се Германија и Руанда.

Резолуцијата досега ја поддржаа сите земји од Западен Балкан, освен Србија и босанскиот ентитет Република Српска.

 

slobodnaevropa.mk