Покрај многу високите температури и Сахарската прашина и песок, денес попладне се очекува дестабилизација на атмосферата, можно е невреме

Покрај многу високите температури на воздухот кои се над просекот за месец јуни, но и покрај Сахарската прашина  и песок која предизвикува многу мачно и спарно време, денес попладне и тоа поради влијанието на циклонот кој е западно и северозападно од нас, поточно над северна Италија очекуваме  и дестабилизација на атмосферата, особено во делови од Скопската котлина, во централните како и во источните предели од државава, но и локално и во југоисточните предели.

Токму во погоре споменатите предели очекуваме локален развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и со засилен ветер. Поради загреаната атмосфера која е исполнета со енергија поради многу високите температури и топлиот бран од Африка, не се исклучува можноста  и за локална појава на невреме, проследено со поројни врнежи од дожд, силни грмежи, силен ветер и со појава на крупен град.

Апелираме, во случај на појава на невреме, граѓаните да бидат крајно претпазливи, односно во случај на појава на силни електрични празнења да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја. Исто така и во случај на појава на силен ветер и на крупен град, автомобилите навремено да се заштитат.

Максималните дневни температури денес ќе се искачуваат во интервалот од 30 до 38 степени, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.

 

 

metealarm.mk