25 години по крајот на војната на Косово

0
45

„Добро вечер дами и господа. Непријателските агресори, воздушните сили на НАТО, околу 20 часот изведоа први ракетни напади врз нашата земја”, јавува водителот на вестите на српската телевизија на 24 март, 1999 година. Првиот воен ангажман на Северноатлантската алијанса и прв со учество и на германски војници од крајот на втората светска војна започна на тој ден. Тоа беше кршење на табу затоа што интервенцијата на НАТО немаше мандат од Обединетите нации. Целта на западниот одбранбен сојуз беше да се присили југословенската армија да се повлече од Косово, за да се спречи протерување и повреди на човековите права на Албанците. Војната траеше 78 дена.

Југославија, во тоа време составена од Србија и од Црна Гора, своето воено присуство на Косово со околу 80 проценти албанско население, го образложуваше со заштита на српското малцинство.

Предисторијата
Десет години пред тоа Слободан Милошевиќ ја укина автономијата на провинцијата. Албанците од речиси сите установи останаа без работа. Прво реагираа пасивно, но подоцна ја формираа Косовската ослободителна армија УЧК. Првично малата трупа прерасна брзо во регуларна армија со Албанци регрутирани и од странство, кои во голем број се вратија во татковината.

Следуваа терористички напади врз српски позиции на кои Белград одговараше со несразмерна жестина. Оружаниот конфликт заврши во 1998/1999 година конечно прерасна во внатрешна косовка војна. Како повод за интервенцијата на НАТО се смета наоѓањето на 40 убиени Албанци во селото Рачак во јануари 1999 година. Во тоа време меѓународните набљудувачи тоа го оквалификуваа како масовно убиство.

Властите во Белград демантираа и рекоа дека станува збор за фалсификувана вест. Убиените биле припадници на албанската УЧК, кои биле убиени во борбите, а случката аранжирана мртовечница за ОБСЕ, гласеше наративот од Србија.

Клинтон и немањето мандат од ОН
Американскиот претседател Бил Клинтон на првиот ден од бомбардирањето ги обвини српските сили за бруталноста на Косово. Опасен преседан во сопствена режија на НАТО, затоа што сојузот воопшто не се ни потруди да добие мандат од Обединетите нации. Тој можело да биде неуспешен заради отпорот од Русија и Кина. За тогашната германска владина коалиција во Берлин составена од Социјалдемократите и Зелените се работеше за тешка и опасна одлука, бидејќи беа вклучени 14 германски авиони Торнадо кои на мета имаа српски позиции за против-воздушна одбрана. Пацифистите и провоено ориентираните во Германија се најдоа на дијаметрално спротивни позиции. „Ние не водиме војна, но сме повикани да допринесеме за мирно решение на Косово со воени средства”, гласеше образложението на канцеларот Шредер.

Потребното оправдување за учеството на Германија во војната на НАТО германската влада си најде во т.н. „потковица план“ на југословенското водство. Документот од Белград кој одеднаш се појави, предвидуваше протерување во форма на потковица на албанското население. Дали навистина некогаш постоел таков план, не е потврдено. Неспорно е дека стотици илјадници Албанци беа во бегство, или протерани. Операцијата на НАТО предизвика поделби на морална основа. Исто така домашни и странски експерти за меѓународно право и државно уредување воениот ангажман во кој учествуваа осум држави, го оценија како кршење на меѓународното право. Правното процесирање на повеќенеделното бомбардирање не доведе до разврска – ниту пред трибуналот за Југославија, ниту пред меѓународните судови.

Рамбује и крајот на дипломатијата
Пред бомбардирањето имаше последни неуспешни напори на Европејците и на САД да ги присилат Албаците и Србите на договорен крај на борбените дејствија. Србија на почетокот на 1999 година во дворецот Рамбује во близина на Париз го одби мировниот договор разработен од НАТО. Не дојде ни до директни преговори меѓу Србите и Албанците, заради обостраната преголема недоверба. Посредниците мораа да одат од едната до другата делегација за да ги разменат ставовите. Тоа се смени кога во една пауза од преговорите српскиот претседател Милан Милутиновиќ допатува од Белград. За специјалниот пратеник на ЕУ, Волфганг Петрич, тоа беше стартот за војна бидејќи потегот го оцени како „цинична калкулација“ од Милутиновиќ. Пропадна и уште еден и последен обид на Ричард Холбрук да го натера Милошевиќ да попушти. Во Германија пред се министерот за надворешни работи од Зелените, Јошка Фишер, беше на мета заради одлуката на сојузната влада да учествува во војната. На конгрес на неговата партија, во знак на протест го погодија со боја во глава при што беше лесно повреден.

Интервенција од Москва? – Милошевиќ попушта
Причината зошто војната на НАТО траеше повеќе од 11 месеца е поврзана со обострани погрешни калкулации, сигурни се експертите од денешна дистанца. НАТО беше убедена дека Милошевиќ по неколку дена бомбардирање ќе сигнализира подготвеност за преговори; во Белград пак се шпекулираше дека НАТО подоцна ќе попушти и ќе предложи компромис. На крајот Милошевиќ попушти, можеби под притисок на британскиот премиер Тони Блер кој бараше испраќање на копнени сили. Поверојатна е сепак претпоставката дека Москва влијаеше врз Србија. Русија, во тоа време економски слаба, имаше потреба од соработка со Западот, вели Петрич отпосле. Без поддршка од Москва, Југославија беше сама против НАТО.

Независност на Косово
По 78 дена, околу 2300 воздушни напади и проценети 3500 мртви, војната на Балканот заврши. Во 2008 година Косово еднострано прогласи независност и сега веќе е признато од 115 од 192-те членки на ООН. Русија и Кина до денес не ја признаваат независноста на Косово, која Србија до денешен ден ја отфрла.

 

DW