Новата влада на Македонија ќе добие заем од Унгарија од една милијарда евра по исклучително поволни услови, објавија унгарските медиуми

Унгарските медиуми забележаа дека ова е најголемиот заем што владата во Будимпешта го одобрила некому откако Виктор Орбан ја презеде власта.

Идниот министер за транспорт и врски Александар Николоски од партијата ВМРО-ДПМНЕ потврди дека новата Влада, чие гласање е закажано за седницата на Собранието која почнува денеска, ќе се задолжи една милијарда евра во странство, а заемот нема да се земе од Кина, туку од ЕУ и НАТО земја-членка.

-Се одлучивме на овој чекор бидејќи каматните стапки на меѓународните институции како Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд во моментов се над 5 проценти, вели Николоски.

ТВ21 претходно објави дека заемот ќе покрие по 250 милиони евра за општините, и исто толку за стопанските комори, како и нова енергетска инвестиција од 460 милиони евра.

Според информации на ТВ21, се работи за заем со многу поволни услови и тоа со каматна стапка од 2,59 проценти и грејс период од 3 години.

Финансискиот пакет од една милијарда евра, кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер Христијан Мицкоски го најави веднаш по победата на парламентарните избори на 8 мај, идната влада ќе го обезбеди од Унгарија, објави и Фокус.

Информацијата дека задолжувањето од една милијарда евра ќе се случи во директен договор со Унгарија им ја соопштил на партнерите од идната влада додека траеле преговорите за составување на извршната власт, велат извори на Фокус од парламентарното мнозинство.

 

denesen.mk