Обраќање на премиерот Христијан Мицкоски. Истото го пренесуваме во целост:
Им благодарам на сите пратеници за нивните забелешки, критики, анализи. Искрено имав лични дилеми дали да се осврнувам на нападите од опозицијата од текот на вчерашниот и денешниот ден, дотолку повеќе што ги сметам за депласирани и надвор од она што е интерес на граѓаните и не дефокусираат од реалните проблеми на граѓаните, истовремено и поради фактот што на граѓаните им е дојдено преку глава од нашите меѓусебни расправии кои некогаш се и непродуктивни и исцрпувачки за јавноста.
Затоа би рекол, само Ви благодарам, ќе ги имам на ум во моето понатамошно делување, повеќе како пример како не треба.
Доста им е на граѓаните од нашите препирки, и дневно политички надмудрувања. Потребна е работа, посветеност, одговорност и конкретни проекти. Јас тоа го ветувам денес повторно. Државата ќе биде во рацете на граѓаните и сите институции ќе работат и создаваат за граѓаните.
На граѓаните им е потребен фокус на нивните реални проблеми и предизвици, создавање стабилен и професионален здравствен кој ќе биде функција на секој граѓанин, создавање образовен систем базиран на знаење, вредности и во чекор со модерните светски текови, им треба повисок стандард, повеќе пари, поквалитетен живот, мирни, спокојни и достоинствени пензионерски денови, функционални институции, желба да живеат и создаваат тука во Македонија, овие работи заради вашата власт, заради вашите несовесност и неодговорност, за жал беа уништени.
Нападите кои ги слушам овие два дена генерално се сведуваат на две тези. Првата е Преспанскиот договор и вратете го името, втората е францускиот предлог и преговарачката рамка. Нема да зборувам дека поради изнесени лаги и невистини СДСМ како политичка партија е два пати осудена, тоа што не собравте храброст да ми се извините тоа е друга работа. Но вие не ја научивте лекцијата од граѓаните. Кој сум јас да ви делам совети но еве ќе си дозволам да ви дадам два совети.
Првиот совет е дека со овие лаги и конструкции што ги слушаме овие два дена нема да повратите довербата кај граѓаните. Затоа што тие точно знаат што правевте и зошто ја изгубивте довербата кај граѓаните ќе треба време да ја повратите. Треба да му дадете време на времето.
Ние во ВМРО-ДПМНЕ бевме свесни дека треба да му дадеме време на времето. И тогаш кога дел од вас правевте непринципиелни коалиции, да работите против раководството на ВМРО-ДПМНЕ ви велевме дајте му време на времето и бидејќи тоа време помина јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ во политичка пензија испратив еден ваш поранешен претседател, вториот е тука сеуште политички активен претпоставувам после локалните избори ќе треба да бираат и четврти. Затоа мојот совет до вас е гледајте ги работите онакви какви што се, не ги изгубивте изборите заради овие работи кои лажно клеветевте, изборите ги изгубивте затоа што ви играа фудбалчиња понижувајќи пред се вас како личности вашите коалициони партнери а потоа и Македонија како држава. Изборите ги изгубивте затоа што ви се случија Ласкарци, Беса транс, модуларната болница кога луѓе живи гореа а виновен беше кабелот , ви се случија овие порази на изборите затоа што голобради момчиња по некоја случајност роднински поврзани со лидери на ваши коалициони партнери купуваа трговски центри во центарот на Скопје, поразот ви се случи затоа што се возат најскапи ролс ројсери во едно рурално место во западна Македонија, луѓе кои се поврзани со лидери на политички партии кои беа ваши коалициони партнери, поразот ви се случи поради многу работи за кои го разочаравте народот и најмногу затоа што народот сака да гледа нови луѓе, направете ја таа реформа која е неопходна во вашата партија, направете ја катарзата која и треба на Македонија му треба и на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
Мојата рака ви беше подадена, таа рака ќе остане подадена, за се што е национален интерес за Македонија како држава.
Втората ваша теза дека Преспанскиот договор сме викале една работа, сме правеле друга работа не само што е лажна и е срамна, туку еве уште еднашка да ви појаснам дека ваков бугарски диктат под вакви околности додека сум јас премиер нема да помине и нема да има уставни измени треба тоа да ви е јасно, направивте грешка таа грешка секој еден граѓанин ќе го чини многу, но најмногу ќе ја чини Македонија зошто, затоа што тогаш пред да влегувате во такви авантури требаше да седнете како што јас ви подавам рака, требаше вие нам да ни подадете рака и да седнеме да разговараме, тогаш ќе беше јасно дека таа работа едноставно така како што вие или некој друг ја замислил едноставно не врви. Луѓето што ме знаат, знаат дека мојот збор планини тежи и овие работи што ви ги кажувам ги кажувам затоа што верувам во тоа и да ќе ја кажам срамната придавка пред заклетвата затоа што тоа мене лично ме потсетува на срамот што и го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство и моите неродени внуци и на тие по нив. И да ќе правам се додека сум жив политички и како човек се што е во моја моќ оваа неправда да ја исправам, за жал во овој момент сум немоќен и во овој момент и јас како човек ќе морам да капитулирам пред вас и да ја кажам таа срамна придавка затоа што таа за жал е дел од законот и Уставот што морам како претседател на владата да ги почитувам.
Ќе видите што значи работа за својот народ и што е мојата борба.
Тоа што ние се обидуваме со крајни напори да извлечеме нешто позитивно од хаосот што вие ни го наметнавте е нешто што нема да не спречите да го правиме. Тоа ќе биде мојата борба. Секој ден. Секој ден. Да правам подобро. Да работам пристојно, да не ги разочарам граѓаните. Тоа е мојата борба. Некаде и некогаш ќе успеам, некаде и некогаш можеби не, но она што го ветувам стоејќи овде, е дека нема да се откажам, ќе се борам и ќе биде добро, ќе биде многу подобро, затоа што државата заслужува подобро, нашите граѓани заслужуваат подобро!
Сакам да посочам дека низ вековите наназад, граѓаните на оваа земја неуморно и макотрпно работеа. Се бореа и работеа за нејзината независност и самостојност, градејќи мостови, фабрики, патишта, училишта и болници. Плаќаа даноци и такси. Во најтешките времиња секогаш беа со својата татковина, жртвувајќи се себеси, своето време и живот за нејзиниот опстанок.
Од генерација на генерација, работата и пожртвувањето беа светилници на нашиот народ. Денес е време татковината да возврати. Време е татковината да работи и создава за нашите граѓани – за секој од вас!
За тебе!
Со заедничкиот труд и посветеност, заедно можеме да изградиме светла иднина. Иднина во која секој граѓанин ќе може гордо да каже – Ова е моја и работи и создава за мене!
За неколку часа почнуваат првите 100 дена од работењето на оваа влада и со овој Завет до вас сакаме да оставиме уште една трага за нашите заложби и овој пат најконкретно да упатиме на тоа што ќе го правиме во првите 100 дена од нашето работење.
Ветуваме дека уште во првите 100 дена ќе ги подигнеме стандардите.
Ветуваме дека макотрпно ќе работиме, дека ќе се грижиме, дека државата ќе се менува, дека ќе се движи напред, дека ќе ве почитуваме и дека ќе бидеме одговорни.
Затоа во првите 100 дена почнуваме фуриозно, со оптимизам, но и со огромна надеж:
– Ќе ги намалиме даноците;
– Ќе ги зголемиме пензиите;
– Ќе отпочнеме проект со над 200 милиони евра за општински проекти;
– 1 милијарда евра за македонската економија;
– Нови странски инвестиции за нови вработувања;
– Бесплатни учебници за сите;
– Фронт против корупцијата;
– Борба за раст до 5 проценти на македонската економија;
– Почеток на капитални инфраструктурни проекти и многу други работи.
За тебе!
За нас!
Ова ќе биде влада за народот! Доаѓа нова генерација.
Да ја напраиме Македонија повторно горда
Ова е последната шанса за тоа
Благодарам.