„Да ја направиме Европа голема“: Унгарија на чело на ЕУ

Не беше изненадување кога Унгарија го објави официјалниот слоган со трамповски призвук оваа недела, по повод нејзиното шестмесечно претседавање со Европската Унија. Сепак, „Make Europe Great Again“ поттикна кревање на веѓи во Брисел.

Унгарскиот ултра-националистички, популистички премиер Виктор Орбан, близок сојузник на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, е најотворено евроскептичниот лидер во Европската унија.

Во текот на изминатата деценија, неговата влада се судри со претставниците на ЕУ и другите земји-членки околу демократското назадување во земјата, миграцијата и, од неодамна, воената поддршка на Унијата за Украина.

Будимпешта често го користеше своето вето при клучните гласања, одложувајќи ги политичките мерки кога сите други беа подготвени да ги продолжат. На Унгарија и беа одбиени милијарди евра средства од ЕУ поради кршење на демократијата и владеењето на правото, иако дел од нив оттогаш беше ослободен по спроведените реформи. Сепак, само минатата недела Унгарија беше казнета со 200 милиони евра (216 милиони долари) поради кршење на законите на ЕУ за азил.

Прашање за способноста да се претседава
Претседателството со Советот на ЕУ е шестмесечна ротирачка функција која ја извршуваат 27 земји-членки. Имајќи предвид дека улогата на претседателството е да дејствува како „чесен посредник“ меѓу земјите-членки и да се издигне над националните интереси, и дека претседавачката земја е одговорна за промовирање на законодавната програма на Унијата, Европскиот парламент ја доведе во прашање способноста на Будимпешта да ја изврши оваа задача.

Минатиот јуни, мнозинството претставници на ЕУ усвоија резолуција во која се прашува „како Унгарија ќе може веродостојно да ја исполни оваа задача во 2024 година, со оглед на нејзиното непочитување на законите на ЕУ“.

Но, овој необврзувачки приговор никогаш немаше никакви последици.

На 1 јули Унгарија ќе започне да претседава со министерските состаноци и самити, превземајќи го актуелното претседавање од Белгија. До крајот на годината ќе ги претставува и другите земји-членки во преговорите со Европскиот парламент и Европската комисија, извршната власт на Европската унија.

„Искрен посредник“ со трамповски призвук
Во вторникот, на прес-конференција во Будимпешта, унгарскиот министер за ЕУ, Јанош Бока, вети дека неговата земја ќе работи продуктивно. „Како претседателство ќе бидеме чесен посредник кој лојално работи со сите земји-членки и институции“, рече Бока.

Бока рече дека за време на неговиот мандат, Унгарија ќе се стреми да ја зајакне економската конкурентност на ЕУ, да ја зајакне одбранбената политика, да води „конзистентна политика на проширување заснована на перформанси“ и да ја запре илегалната миграција преку построги граници и поефективни депортации во соработка со земјите кои не се членки на ЕУ.

Покрај тоа, рече тој, Будимпешта ќе го преобликува Кохезиониот фонд, кој се обидува да го затвори јазот меѓу побогатите и посиромашните региони, да промовира „земјоделска политика на ЕУ ориентирана кон земјоделците“, имајќи ги предвид протестите против климатските мерки на ЕУ и да се справи со демографските предизвици.

А потоа го претстави официјалниот слоган: „Да ја направиме Европа повторно голема“, соопшти Бока – јасно упатување на познатиот слоган на Трамп „ Да ја направиме Америка повторно голема”.

Односите меѓу ЕУ и САД се влошија за време на претседателствувањето на Трамп, кое траеше од 2017 до 2021 година. И покрај неодамнешната кривична пресуда, Трамп повторно се кандидира за претседател на изборите во ноември.

„Тоа всушност го покажува… очекувањето дека треба да бидеме посилни заедно отколку поединечно, но дека треба да ни се дозволи да останеме тоа што сме кога сме заедно“, рече Бока, коментирајќи го унгарскиот слоган.

 

DW