ЕУРО 2024: германската ефикасност е само мит

Врвот на маките секако се случувањата во Гелзенкирхен. Четврток е, се ближи полноќ, а десет илјади шпански и италијански навивачи мирно си поминуваат преку мостот за пешаци кон железничката станица во близина на стадионот Арена ауф Шалке. Италијанците се во депресија како што може и да се очекува после играта во која тимот покажа хронична слабост и неспособност да се справи со Шпанците, но расположението е тмурно и меѓу шпанските фанови. Под нив, на секои пет минути, влегува воз, се полни и полека се движи кон центарот на градот. Понекогаш, од дел на станицата кој е толку лошо означен што ниту еден навивач не го перцепира како опција, ќе се појави автобус, ќе се наполни со навивачи и продолжува понатаму во сообраќајниот метеж.

Во овие неправилни и ретки интервали, толпата се поместува само неколку метри пред да продолжи тоа што изгледа како бескрајно чекање. Зошто има толку малку возила? Зошто се чека толку долго? Зошто повторно се случува истото?

Првите навивачи кои беа изложени на вакво мачење се посетителите на мечот Англија – Србија минатата недела, првиот од четири натпревари од ЕУРО 2024 што се одржуваат на овој стадион. Многумина повеќе од еден час чекаа во толпата на пешачкиот мост, а некои од нив се одлучија пеш да поминат неколку километри до градот наместо да се туркаат во гужвата. Но, слична беше ситуацијата и на железничката станица во Гелзенкирхен, со преполни платформи и лоши информации од разгчасот кои дополнително придонесоа за чувството на хаос и неред. За ДВ службениците на локалните служби за јавен превоз Богестра дури и се пофалија со напредок и подобрување од неделата до четвртокот , но навивачите со кои разговаравме и на кои им ја пренесовме пофалбата од превозникот, останаа ужаснати. „Подобро во однос на што?” прашува Фин, млад шкотски навивач кој штотуку се вратил на главната железничка во Гелзенкирхен во еден часот наутро, два часа по завршувањето на натпреварот.

„Горе на пешачкиот мост е толку тесно што сите бевме натискани како сардини“, се жали навивачот. Два часа порано, збир од навивачи можеа да се видат како се спуштаат од стрмниот, каллив насип во правец на пешачкиот мост бидејќи се изгубиле по излегувањето од стадионотНеколку други мораа да преминат преку оградата за да стасаат до пешачката патека. Покрај неа има голема, повеќекатна зграда од јавниот паркинг која во неделата и четвртокот беше речиси целосно празна. „Кога игра Шалке многумина доаѓаат со автомобили“, ни објаснува полицаецот. Тоа може да е опција за навивачите на Шалке кои се од околните места, но не им е од помош на навивачите кои доаѓаат од Милано или Мадрид.

Претставник од градските власти вели дека за натпреварот Србија против Англија имало „двојно повеќе“ вагони од градската железница отколку за натпревар на Шалке. Но навивачите не најдоа многу утеха во тој факт.

Со оглед на ограничениот капацитет на градската железница и тоа што навивачите од странство зависат од јавниот превоз, 21 часот се покажа како проблематично време за почеток на натпреварот на стадионот. Два пати 50 илјади навивачи кои се обидоа истовремено да го напуштат стадионот беа соочени со целосно недоволна инфраструктура што предизвика многу мака и нелагодност кај навивачите.

Може да се постави прашањето зошто Гелзенкирхен воопшто е меѓу градовите во кои се игра – освен што е седиште на Шалке? Градови како Нирнберг, Бремен или Хановер имаат големи, модерни стадиони, но не беа одбрани. Но, и во другите градови каде што се играше, навивачите се соочија со маката на денешната германска инфраструктура, па и шкотските навивачи кои го преживеаја хаосот во јавниот превоз во Минхен, Келн и на други места се прашуваа зошто баш секое возило мора да доцни.

„Атмосферата беше фантастична, но јавниот превоз е кошмар”, вели Дејви кој редовно посетува натпревари на Шкотска во странство.

 

 

DW