Иселувањето ја чини Македонија над 1 милијарда евра годишно

0
64

Околу 2.500 високообразовани кадри во периодот од 2013 до 2021 годишно си ги пакувале куферите и заминувале од Македонија, покажуваат податоците на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Колку заминале оттогаш наваму, засега нема податоци но, со оглед на тоа што претходната влада ни имплементирала, ниту спровела мерки за сопирање на иселувањето, се претпоставува дека бројката продолжила да расте.

Според извештајот на ИОМ за 2020 година, Република Северна Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40 проценти од високообразовниот кадар ја има напуштено државата. Според Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, РСМ е на високото петто место (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти.

Загуба од над милијарда евра
Во иселените високообразовани кадри кои си заминале државата инвестирала околу 725 милиони евра. Нивното иселување не го чинел скапо само буџетот, туку и Бруто домашниот производ кој, според проценките на експерти на ДЗР, губел над 8 проценти на годишно ниво. Во пари, севкупната штета се проценува на околу 1,1 милијарди евра годишно.

Македонија има „Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020″, но истата не била спроведена. „Спроведените ревизорски активности и обезбедените ревизорски докази овозможија да стекнеме разумно уверување дека активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се доволно ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата”, се наведува во извештајот.

Според добиените податоци од меѓународните организации и земјите на прием, бројот на македонски граѓани коишто престојуваат во странство, во меѓувреме, се зголемува со забележителна стапка, предупредуваат од ДЗР. Оваа тенденција, се подвлекува во извештајот, искажува сериозни предизвици за државата, вклучувајќи го одливот на високообразовни кадри и потенцијалните ефекти врз економијата и општеството во целост.

 

DW