Почитувани мои, како што и претходно најавив, во текот на денешното попладне се очекува постепена дестабилизација на атмосферата во Македонија, и тоа поради влијанието на високиот циклонски систем кој ќе биде со центар јужно и југоисточно од нас (односно над Грција и Турција).
Во ваква ситуација, денес попладне и во раните вечерни часови, особено во јужните и во југозападните предели од државава ќе има локален развој на грмотевични облаци кои ќе условат појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Не се исклучува можноста во овие предели да има и појава на локално краткотрајно невреме, проследено со силен ветер и со појава на град.
Во Скопје денес условите за нестабилност ќе бидат помали.
Што се однесува до температурите, тие денес ќе се искачуваат во интервалот од 29 до 36 степени. Во Скопје максималната температура денес ќе се искачи до околу 35 степени, пишува во најновата анализа метеопрогнозерот Славчо Попоски.