Рано утринава на Клиниката за детски болести во Клинички центар „Мајка Тереза” во Скопје, починало 14-месечно женско бебе. МВР денеска потврди дека има починатот дете, а неговиот татко, според информациите од полицијата, по добиената информација кршел низ болницата. „Слободен печат” објави дека бебето било неколку пати одбивано за хоспитализација, иако родителите го носеле во болницата. Секогаш било пуштано дома, без да биде хоспитализирано. Гледајќи дека се одбивани за хоспитален третман, родителите го однеле во Клиниката Козле, од каде состојбата му се влошила и дури тогаш било примено во одделението за интензивна нега на Детската Клиника.
Таткото на починатото девојче, Р.С. за Слободен печат изјавил дека поседува видео снимка од доктор, која ја снимил ноќеска во Детската Клиника, на која го прашува докторот дали за неговото дете имало спас, доколку било навремено хоспитализирано, на што докторот му дал потврден одговор. Таткото бил исклучително вознемирен и како што и самиот ни кажа, утринава го скршил компјутерот со глава на Детската Клиника после што дошла и полиција. Според неговите зборови наишол на разбирање од полициските службеници, бидејќи и тие прашале зошто бебето навремено не било хоспитализирано.
Таткото во телефонски разговор со Слободен печат рекол дека телото на бебето е дадено на обдукција и дека по судски пат ќе ги гони одговорните за оваа трагедија. Извори од клиниката неофицијално велат дека бебето било примено силно тахикардично, со 70 проценти сатурација, а дадената дијагноза била бронхолитис, односно бронхопневмонија масива.
-Три пати ја носевме на Детска Клиника, цело време ни велеа, терајте дома, терајте дома, терајте дома. Потоа од Козле каде што ја задржаа ќерка ми ја префрлија на Детска Клиника за хоспитализација. Утринава околу пет часот не кажуваа што се случува не даваа никаква информација. Само потоа гледам, починато. Три дена бевме таму и јас и брат ми, цело време ни велеа добро е и носете ја дома, нема потреба да ја држиме тука. Имам снимка од докторот каде го прашувам дали ако го држевте моето дете тука, ќе имаше спас за него, а каде тој вели „имаше спас, ама не било примено”. Утринава имаше полиција таму, зашто го скршив компјутерот со глава во цел стрес, што чекаат, да носам цвеќе?, изјави таткото на починатото 14 месечно девојче, Р.С. за Слободен печат.
Директорот на Клиниката доктор Реџеп Мемеди во телефонски разговор со Слободен печат потврди дека почнало бебе рано утринава, но дека сите органи работат на утврдување на причините.
извор: „Слободен печат”