Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција се надева оти нејзините црноморски соседи Русија и Украина ќе се вратат на преговарачка маса што е можно поскоро за да се најде решение, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган одговараше на прашања на новинарите во авионот по враќањето од африканската турнеја во чии рамки беше во посета на Демократска Република Конго и Сенегал. Третата станица на Ердоган требаше да биде Гвинеја Бисао, но посетата беше одложена поради денешниот онлајн Самит на лидерите на НАТО, на кој ќе присуствува и Ердоган.
Турскиот претседател најави продолжување на дипломатските напори и телефонски разговори со рускиот претседател Путин, изразувајќи надеж за напредок во решавањето на тензиите со Украина.
„Имаме политички, воени и економски врски и со Украина. Така што не можеме да се откажеме ниту од неа. Од друга страна, не можеме да се откажеме ниту од Русија, бидејќи во моментов имаме напредни односи. Нашата цел е да преземеме такви чекори за да го решиме ова прашање, без да се откажеме од ниту една од нив“, објасни Ердоган.
Зборувајќи за актуелната руско-украинска криза, Ердоган потсети дека вчера имал телефонски разговор со украинскиот лидер Владимир Зеленски и дека му ја пренел важноста што Турција му ја придава на територијалниот интегритет на Украина.
„Нагласив дека не прифаќаме и нема да прифатиме никаква иницијатива што јасно ги прекршува Договорите од Минск. Реков дека сме подготвени да го дадеме нашиот дел за да се реши кризата преку дипломатија и дијалог пред таа дополнително да ескалира“, рече Ердоган.
Тој додаде дека во наредните денови ќе се консултира со сојузниците од НАТО за актуелната ситуација која ги загрозува безбедноста и стабилноста на Црното Море, а за овие прашања ќе се разговара на денешниот Самит на лидерите на НАТО преку видеоконференција.
Запрашан за очекувањата од Самитот на НАТО, Ердоган рече дека во моментов нема сериозни средби со Русија на лидерско ниво.
„Макрон отиде во Москва, состојбата е евидентна. По него дојде и Шолц. За Бајден е кажано дека разговарале, но не гледаме резултати. Ако го набљудуваме случувањето на државно или институционално ниво, во овој момент останува само НАТО. Со овој видеоконференциски самит, НАТО мора да го одреди својот став и да го направи она што е потребно. Како што знаете, досега не сме се соочиле со сериозна ситуација како што е испраќање војници во Украина. Сите само зборуваат, никој ништо не прави“, рече Ердоган.
На крајот, тој накратко се осврна и на Ерменија, велејќи дека доколку таа е решена да го продолжи процесот започнат со специјални претставници, ни Турција нема да ги затвори вратите.
извор: Агенција Анадолија (АА).