(ФОТО) Големиот руски поход врз Украина

Руски трупи вчера жестоко ја нападнаа Украина

 од копно, небо и од море, при што загинаа десетици војници и цивили, а уште десетици илјади панично избегаа кон западните региони и во соседните земји.

Иако претседателот Владимир Путин упорно ги отфрлаше предупредувањата дека Русија концентрира сили за да ја нападне Украина, тој вчера ја нареди првата воена инвазија врз суверена земја во Европа по крајот на Втората светска војна. Кремљ објави дека „воените акции не се насочени кон цивилите“ и дека целта на офанзивата е „да се исчистат нацистите од Украина“ и „да се неутрализира нејзиниот воен потенцијал“, кој Русија го смета за закана за сопствената безбедност.

– Русија не може да се чувствува безбедно, да се развива и да постои со постојана закана што произлегува од територијата на модерна Украина. Целата одговорност за крвопролевањето, ќе биде на совеста на владејачкиот режим во Киев – изјави Путин во телевизиското обраќање до нацијата, во кое ги најави воените операции.

Портпаролот Дмитриј Песков изјави дека за Кремљ е неприфатливо операцијата да се нарекува „окупација“, бидејќи „никој во Русија не планира окупирање на соседната земја“.

– Времетраењето на операцијата ќе зависи од резултатите. За тоа ќе одлучи врховниот командант на оружените сили Владимир Путин – изјави Песков, додавајќи: „Теоретски, Украина треба да се ослободи и да се исчисти од нацистите“.

Нападот почнал рано в зори со експлозии на проектили истрелани врз Киев и неколку други градови. Се огласиле сирените за општа тревога, по што илјадници луѓе во градот со 3 милиони жители панично трчале кон визби и засолништа, а уште повеќе настојувале да побегнат од градот, создавајќи долги колони од возила што ги блокирале сообраќајните излези кон запад.

Како принудни засолништа послужиле станиците од метрото, каде што доаѓале луѓе носејќи резерви од храна, вода и лекови. Други, пак, тргнале со автомобили кон запад, настојувајќи што е можно побрзо да стасаат до местата што ги сметаат за побезбедни или до Полска, оддалечена четири часа возење по автопат. Но, паника веќе имало и во Лвов, на крајниот запад од Украина. Наспроти сирените за тревога и препораките да се засолнат, жители на Лвов тргнале во „опсада“ на банкоматите за да извлечат пари.

Во Харков, на самата граница со Русија, експлозиите речиси и не запреле цело утро, а од многу згради се кревал чад. Жестоко бил гранатиран и градот Мариупол, кој проруските сепаратисти го сметаат за дел од самопрогласената народна република Доњецк, признаена за независна од Москва. Од градот тргнала долга колона возила со бегалци, а во блиските места Мангуш и Бердјанск се создале метежи пред банкоматите и бензинските пумпи.

Независни извори не ги потврдија извештаите дека набрзо по почетното ракетирање, руски пешадиски и моторизирани единици навлегле кон источните градови Чернихив, Харков и Луганск, а трупи извршиле десант од море кај стратегиски важните пристаништа Мариупол на брегот на Азовско Море и кај Одеса на Црно Море.

Украински гранични служби јавија дека руски моторизирани единици навлегуваат од низа правци додека патот им го чисти оган од ракетни лансери и од борбени хеликоптери. Авиони „антонов“ и борбени хеликоптери „ми-8“ го биеле со ракети меѓународниот аеродром за товарни авиони Гостомел близу Киев.

Во координирана офанзива тргнале и силите на проруските сепаратисти од Луганск и Доњецк.

Претседателот Володимир Зеленски апелираше до луѓето да ја задржат присебноста и ги повика „сите што можат да држат оружје“ да се вклучат во одбраната на земјата од агресорот. Зеленски истакна дека „секој што е спремен да се бори, ќе добие оружје“.

 

извор/фото: агенции