Македонскиот дипломатски персонал останува заглавен во главниот град на Украина

0
385

Додека регионот ја осудува агресијата на Русија и се придружува кон санкциите против Москва, Србија го продолжува молкот за ситуацијата во Украина. Шефот на српската дипломатија, Никола Селаковиќ, кој денеска во Скопје се сретна со државно-владиниот врв, во обраќањето со министерот Бујар Османи во ниту еден момент не ја спомена инвазијата врз Украина. Потоа, Селаковиќ ја напушти прес конференцијата, пред да почнат новинарските прашања, објави VOA.

На домаќинот, Османи, му остана тешкиот дел од работата – да појаснува дека на состанокот со српскиот министер се разговарало и за кризата во Украина.

„Разговаравме и за ова прашање, за ставот ќе го прашате него. Јас го презентирав нашиот став.“, изјави шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

Македонскиот дипломатски персонал останува заглавен во главниот град на Украина кој е опколен од руски сили.

„Амбасадорот и дипломатот и двајца други граѓани кои се во амбасадата поголемиот дел од денот го поминуваат во скривница отколку во Амбасадата. Не може ни да одат во нивните резиденции туку остануваат и преспале во Амбасадата. Се обидуваме да ги евакуираме. Јас имав неколку контакти со колеги и министри од регионот, има околу 20-ина амбасадори на ЕУ во Киев кои исто така не може да излезат. Правиме аранжмани, доколку која било од овие земји што имаат амбасади таму обезбеди прв транспорт, да можеме и нашите дипломати да ги извадиме до Полска. Но, последната информација од амбасадорот е дека Киев е опколен и дека засега нема услови ниту да ги напуштат скривниците.“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.

извор: VOA.