Речиси 120.000 луѓе досега избегаа од Украина во Полска и другите соседни земји по руската воена операција, известува Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Бројката постојано расте додека Украинците ги земаат најнеопходните предмети и ги напуштаат своите домови.
Полска прогласи дека нејзината граница е отворена за Украинците, дури и за оние што немаат службени документи.
Владин претставник изјави дека земјата испратила болнички воз кој ќе ги собере ранетите во војната во Мостиска, во западна Украина, и ќе ги донесе во Варшава на лекување.
Болничкиот воз тргна од пограничниот град Пшемишл и се состои од 5 вагони приспособени за превоз на ранети.
„Речиси 116.000 Украинци ги преминаа меѓународните граници досега. Ова бројка може да расте, да се менува секоја минута“, изјави Шабија Манту, портпаролката на Високиот комесаријат на ОН за бегалци.
Агенцијата очекува дека до 4 милиони Украинци би можеле да избегаат доколку ситуацијата продолжи да се влошува.
Бегалците се претежно жени, деца и старци.
Манту изјави дека поголемиот дел од нив се упатиле во соседна Полска, Молдавија, Унгарија, Романија и Словачка, а некои дури и во Белорусија.
Таа не даде детали за бројките според земјите во кои заминале, но убедливо најголемиот број бегалци пристигнале во Полска.
Полската влада соопшти утрово дека повеќе од 100.000 Украинци ја преминале полско-украинската граница во изминатите 48 часа.
Според луѓето кои го преминаа Граничниот премин „Медика“, колона од возила долга 15 километри чека да влезе во Полска, извести полскиот телевизиски канал „TVN24“.
извор: Агенција Анадолија (АА).