Нема ценовни шокови кај основните прехранбени производи, смирува Бектеши

0
348

Нема да има притисок врз цените на основните прехранбени производи, земјата има задоволително ниво на залихи на прехранбени производи и нафтени деривати во стоковите резерви. Нема место за паника кај граѓаните, не се очекуваат ценовни шокови, кажа министерот за економија Крешник Бектеши денеска во изјава за медиумите по повод Одлуката за замрзнување на маржите на основните прехранбени производи која стапи на сила од денеска 1 март.

Министерот информираше дека нема паника кај граѓаните за недостаток на производи, но дека изминатиот викенд и во текот на вчерашниот ден утврдено е дека дел од трговците сами ги повлекле залихите на производи од полиците, за денеска да ги стават на рафтовите со нови цени.

„Тоа целосно е утврдено од страна на надлежните институции и ние нема да дозволиме тоа да се случи и се да се шпекулира и да се манипулира со зголемување на трошоците за граѓаните и затоа сите овие трговци ќе бидат санкционирани и ќе бидат дополнително контролирани“ кажа министерот Бектеши.

Министерот потенцираше дека во моментов нема потреба да се стават во функција стоковите резерви со оглед на тоа што производителите на овие основни производи имаат залихи за период над 35 дена, не вклучувајќи ги деновите со кои може да се покриваме преку државните резерви, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

„Апелирам до сите трговци да ја почитуваат владината одлука за трговските маржи зашто од неа, нема никој да загуби и највеќе ќе добијат потрошувачите, односно граѓаните на државата“ кажа Бектеши.

Бектеши исто така информираше дека согласно анализите руско-украинскиот конфликт директно не би влијаел врз македонската економија, имајќи ја предвид трговската рамзнеа.

 

извор/фото: агенции