Во Романија се урна мал дрон

0
527

Во округот Бистрица-Насауд во Романија е пронајдено беспилотно летало, а од романското обвинителство велат дека е отворена кривична постапка и дека засега не се знае од каде долетало.

„Засега не е утврдено потеклото на леталото, а не е ни идентификуван неговиот сопственик. Во тек е истрага за да се утврдат околностите под кои дронот летал и за да се идентификува пилотот“, навеле обвинителите од округот Клуж, пренесува “AP”.

Од полицијата во Бистрица-Насауд за американската агенција рекле дека леталото било пронајдено од момче во неделата на поле во близина на неговата куќа.

Медиумите пишуваат дека дронот не бил опремен со муниција и дека станува збор за модел кој се користи во извиднички мисии. Овие информации се уште не се официјално потврдени.

Теренот на кој било пронајдено леталото се наоѓа на 60 километри од границата со Украина и не е исклучено дека леталото дошло од зоната на судири.

Потсетуваме, во четвртокот во близина на Студентскиот дом во Загреб паднало беспилотно летало од советско производство, откако ги прелетало Романија и Унгарија, а притоа биле оштетени 40 автомобили, и за среќа, немало повредени.