(ФОТО) Пожарот кај „Треска“ локализиран, лавина реакции и сомнежи на социјалните мрежи

0
436

Густ чад, мирис на изгорена пластика и пеплосан магацин сведочат за големиот пожар којшто попладнево ја зафати фабриката „Треска“ во скопската населба Капиштец. Огнот избувнал во магацин во кругот на поранешната фабрика, при што биле зафатени пластични материјали, лепак, сунѓери и друг отпад, којшто предизвика густ чад. Жителите од околните згради сведочеа дека се слушнала и експлозија, oбјави DW.

Пожарот по два часа беше локализиран, но предизвика вознемиреност и лавина реакции на социјалните мрежи. Граѓаните се сомневаат дека на овој начин се создава простор на местото на „Треска“ да никнат нови згради. Овој простор последниве години е во фокусот на интересот на јавноста, токму поради битката кој да го добие и што да се гради на оваа атрактивна локација во центарот на градот.

Сомнеж дека пожарот е подметнат изрази и скопската градоначалничка Данела Арсовска. „Во текот на изминатите два часа сме тука и од индициите што ги имаме се работи за пожар што е отпочнат овде, со сомненија дека е подметнат“, објави таа на Фејсбук. Очевидци тврделе дека виделе лица на овој потег непосредно пред пожарот и дека тука во повеќе наврати се случувале пожари.

Градоначалникот Горан Герасимовски на Фејсбук попладнето информираше дека пожарот е локализиран и речиси целосно изгаснат благодарение на брзата реакција на надлежните.

„Заедно со екипите на Општина Центар остануваме на терен, а кризниот штаб во состав од претставници на МВР, инспекциските служби на општината и противпожарна служби веднаш одржа состанок. Голема благодарост до сите за брзата и ефикасна реакција. Во оваа незгода за среќа нема повредени, а жителите и вработените во околните продавници беа навремено евакуирани“, информираше Герасимовски.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, беше во обиколка на локацијата каде избувна огнот. „Целата противпожарна бригада, 55 пожарникари работеа посветено цели два часа да го локализираат, да го изгаснат овој пожар“, објави Арсовска.

 

Текстот во целост на: DW.