Владината делегација во состав заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, денеска присуствуваше на свечената литургија по повод најголемиот православен празник Христово Воскресение – Велигден, во соборниот храм Св. „Климент Охридски“ во Скопје.
Со свечената Велигденска литургија, во сослужение со членови на Архијерејскиот Синод и со свештенството на соборниот храм, чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Тој пред верниците меѓу другото порача: „Повикани сме да се чуваме од зло, да правиме добро, да градиме и да го чуваме мирот. Љубовта е единствениот лек против злото“.
Членовите на владината делегација на крајот од Велигденската служба му го честитаа празникот на Архиепископот Охридски и Македонски на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, како и на присутните свештеници и верници со традиционалниот Велигденски поздрав „Христос воскресна – навистина воскресна“.