На последниот попис на македонска адреса биле пронајдени и странци од Аруба, Сен Мартин, Микронезија, Бахреин, Мијанмар, Шри Ланка, Колумбија, Костарика, Конго, Малезија, Мали…
Пописот којшто се одржа во септември минатата година детектираше 4.203 странци коишто привремено престојуваат, работат или живеат во Северна Македонија. Најголемиот број од нив се од регионот – Албанија, БиХ, Србија, Бугарија, Хрватска, а во пописната статистика влегоа и 277 германски државјани, како и 107 „гости“ од Австрија. Но, во Северна Македонија привремено или прибежиште на подолго време нашле и жители на Британските Девствени острови, Аруба, Сен Мартин, Микронезија, Бахреин, Мијанмар, Шри Ланка, Колумбија, Костарика, Конго, Малезија, Мали…
Последниот сет податоци коишто неодамна ги објави Државниот завод за статистика, покажува дека на последниот попис на македонска адреса биле пронајдени и странци од Британска територија на Индискиот Океан, 32-ца од Филипини, деветмина дојденци од Американска Самоа, петмина од Индонезија и Јордан, тројца од Ел Салвадор и по еден или двајца гости од Алжир, Аргентина, Мавританија, Пакистан, Зимбабве, Свазиленд. Северна Македонија е дестинација на која допатувале и неколкумина жители на Аланд Острови, Тринидад и Тобаго, Танзанија и Венецуела.
Двојни државјанства
Во земјата има и 55 дојденци од Украина, како и 66 државјани на Руската федерација. Вкупната бројка на Руси во Северна Македонија е 335, но 269 имаат и македонско државјанство.
Според пописните резултати, околу три проценти од вкупното резидентно население во Северна Македонија имаат двојно државјанство. Најголем дел од нив, околу 37 проценти освен македонско имаат и бугарско државјанство, додека половина од лицата со двојно државјанство се млади од 20 до 34 години и активно население од 35 до 49 години.
-повеќе на темата: Тројца Македонци се попишале од Антарктикот, еден од вулкански остров
Двојно државјанство повеќе имаат мажите – 30.003, отколку жени – 23.198, државјани на друга држава кои живеат во Северна Македонија се повеќе жени – 2.824, од мажи – 1. 379. По старосни групи, најголем дел од резидентното население со двојно државјанство се на возраст од 35 до 39 години – 5.190 лица. Половина од лицата со двојно државјанство се млади од 20 до 34 години – 11. 768 или 22 отсто и активно население од 35 до 49 години – 15. 171 или 28,5 проценти.
Пописот беше спроведен од 5 до 30 септември 2021 година.
Дојче Веле