Дозволете ми на почетокот да го искажам моето задоволство што во општина Гази Баба имаме претставник од Собранието на Република Македонија, пратеникот Владо Мисајловски со кој заедно ќе направиме увид во неколку проекти кои ги реализираме во интерес на граѓаните на општина Гази Баба.
Изминатиов период покажавме дека во општина Гази Баба можело да се работи и поинаку, односно да се работи и да се инвестира во повеќе области, истакна градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.
Во продолжение ја пренесуваме изјавата во целост:
Денеска сме тука во населеното место Железара, во основното училиште „Григор Прличев“ каде со цел официјално да ја пуштиме во употреба реконструкцијата на училишната спортска сала. Реконструкцијата опфати комплетно нова современа гумена подлога, комплетно ново молерисување и комплетна опрема за кошарка и за одбојка.
Инвестициите во делот на образовните институции се од особено значење во општина Гази Баба бидејќи сакаме да дадеме инпут на младите генерации.
Дополнително во дворот на ова училиште направивме и комплетна реконструкција на кошаркарското игралиште со поставување на тартан подлога и нови кошеви и табли. Исто така во текот на денешниот ден ќе направиме увид во изградбата на новата училишна спортска сала во основното училиште „Кирил и Методиј“ во Стајковци, каде интензивно се работи на втората фаза од изградбата на оваа спортска сала, за што од буџетот на Општина Гази Баба се издвоени средства од висина од 9 милиони и 100 илјади денари.
Исто така во оваа прилика сакам да најавам и дека во наредниот период ќе почнеме со изградба на комплетно нова училишна спортска сала во населеното место Булачани во основното училиште „Наум Охридски“.
Во Гази Баба во периодов следи голема градежна офанзива во која што се работат голем дел проекти од комуналната и патната инфраструктура, инвестираме во изградба на фекални канализации во Гоце Делчев, Јурумлери, Смилковци и Црешево. Инвестираме и во подобрувањето на водоснабдувањето во Раштак и Булачани со изградба на нови бушотини и на поврзување со цел да го зголемиме капацитетот на вода за овие населени места. Паралелно работиме на изградба и во завршна фаза ни е и изградбата на новиот мултифункционален парк, прв во општина Гази Баба кој ќе се протега на површина на над 2.000 м2. И можам да најавам дека во текот на вчерашниот ден изгласавме ребаланс на буџетот во кој предвидовме средства за изградба на две нови детски градинки во тековната 2022 година.
Ова е само почеток на обновата на нашата Гази Баба.