Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ идната работна недела ќе поднесе интерпелација за претседателот на Собранието Талат Џафери, но како што кажа на денешната прес конференција претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тој не очекува дека таа ќе помине во Парламентот.
-Се надевам дека нема повторно да ги изигруваат процедурите во Парламентот и ќе ја стават точката на дневен ред и ќе можеме да зборуваме малку поотворено за тоа што се случуваше тој ден кога беа брутално навредени вработените во Парламентот. Немаме илузија дека таа ќе помине бидејќи таму има 61 послушник на власта кои заради свои лични привилегии ќе го бранат Џафери, но добро е да се види како се препелка СДСМ и помалите коалициски партнери кои се уште не гукнаа за законот за една изборна единица, а еве веќе е мај, рече Мицкоски на прес-конференција.
Мицкоски за протестот најавен за 18 јуни истакна дека очекува политичка и општествена поддршка од сите оние кои, како што рече, мислат дека оваа влада на СДСМ и ДУИ ја води државата во погрешна насока.
-Повикани се сите, ја користам оваа прилика сите граѓани, политички партии и општествени субјекти коишто чувствуваат дека државата оди во погрешна насока да излезат и да ни се придружат, рече Мицкоски.
фото: PRETSC