Поради пожарот квалитетот на воздухот во Тетово значително е влошен, учениците нема да имаат настава, Касами повика граѓаните да останат дома

Неколку интервенции поради задушување од чадот од пожарот во Тетово кој во 9 часот избувна во објектите на поранешната фабрика „Македонија табак“.

Поради пожарот, Секторот за образование на Општина Тетово одлучи сите ученици да не одат на настава овие два дена.

-Апелирам до сите граѓани да остануваат дома, да не излегуваат ако немаат никаква работа, не дека е критично, но поради загадување на воздухот да останат дома, да видиме што ќе се случи. Ние со пожарникарите сме на терен. Тие работат да го блокираат загадувањето на воздухот, да го локализираат пожарот, изјави Бесар Дурмиши од Совет на Тетово.

На местото на настанот е и градоначалникот на Тетово Билал Касами. Тој повика граѓаните да не ги напуштаат своите домови непотребно.

Почитувани тетовчани!
Поради големиот пожар што утринава избувна во фабрика на влезот во градот, значително е влошен квалитетот на воздухот. Апелираме до граѓаните да не ги напуштаат своите домови непотребно. Најпогодени се оние со белодробни, васкуларни и срцеви заболувања кои денеска треба да останат дома и да ги следат извештаите за квалитетот на воздухот. Оние граѓани кои треба да бидат надвор мора да носат заштитни маски, по можност N95. Чувајте ги прозорците и вратите затворени во домовите и чувајте го вашето здравје, напиша Касами на ФБ.

Инаку, објектот кој гори се користел за производство на градежни изолациски материјали, поточно производи од стиропор.

фото: PRTSC