Ковачевски: Загубено е драгоцено време во евроинтеграцијата на Македонија

Во денешни услови на светски превирања уште повеќе се нагласува темата на интеграција на Западен Балкан во Европа каде што тој природно и припаѓа, а кога станува збор за евроинтеграцискиот процес на Македонија загубено е драгоцено време. Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски кој како главен говорник денеска на Преспа Форумот за дијалог ја отвори сесијата на тема „65 години после Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана?“. Тој при тоа рече дека нема да зборува за минатото туку за иднината на земјата и регионот.

– Обично дискусиите на Балканот најчесто се водат за минатото и за историјата и постојат политичари кои што уживаат да зборуваат за теми од историјата, особено од соседството, а тоа се и најлесни теми за говорење бидејќи кога им зборувате на граѓаните за историја тогаш ништо и не им ветувате. Најтешко е да зборувате на граѓаните за економија бидејќи тогаш се ветува и тогаш граѓаните имаат очекувања за подобар животен стандард. Ќе зборувам за сегашноста и за плановите за иднината, за се она што ние како земја во соработка со земјите од регионот и нашите стратешки партнери го реализираме со единствена цел економски развој и подобра стандард за граѓаните – рече Ковачевски.

 

Нова Македонија