Македонија заглави пред ѕидот на ЕУ, во слепата уличка на неисполнетите желби и ветувања. Изборот се сведува на „рамката“ или „јамката“. Не дознавме само како дојдовме дотаму. Пишува Борис Георгиевски
Замислете ја Македонија по францускиот предлог како автомобил кој се одвоил од главната магистрала и свртел во слепа уличка. Не е дoкрај утврдено дали на возачот некој му шепнал да тргне натаму, или самиот, во момент на очај од турканицата пред него, можеби воден од лоша навигација, одлучил да побара алтернатива.
Нејсе, тукушто влегол во уличката, пред автомобилот одеднаш се исправил висок ѕид, а зад него застанал камион за собирање смет кој, за беља, баш во тој момент се расипал.
Патниците во автомобилот се нашле пред избор: да излезат од возилото и да го искачуваат ѕидот пеш, со голи раце, без никаква дополнителна опрема, ниту јаже. Опасноста никогаш да не го качат ѕидот е голема. Особено што долу, уште на приземјето, стои стражар кој ги влече надолу. Се распрашале по пријатели:
„На цела мака со ѕидов, може ли некако барем од стражаров да куртулиме?”
„Тешко“, им одговориле, „ние пробавме еднаш и да му тутнеме некоја банка, ама си ги зеде парите и пак не нѐ пушти”.
Тие можеби и ќе успеат да ги минат првите метри по вертикалата на високиот ѕид, но стражаров, тегнејќи ги за облеката, ќе ги остава без парче по парче од неа. Ако продолжи вака, до пола пат ќе останат и без панталони, или дури и без гаќи. Ај што со гол газ треба да се качуваат по угорнината, туку може и да паднат и да скршат, недајбоже, кичма. „Налет”, му велат сопатниците на возачот, „еве и да го качиме ѕидот, кај ќе шетаме после голи по светов додека да ја најдеме магистралата“.
Ако решат да останат, да седат во сигурноста на својот автомобил и да чекаат, патниците не се сигурни дали и кога ќе можат да се вратат во рикверц на магистралата. Камионот е расипан, неподвижен, деловите за поправка ќе се чекаат долго, без гаранција дека ќе стигнат. А во моментов никој нема на располагање доволно големо влечно возило кое ќе го извлече камионот. Попусто вртат кај стигнат со мобилните. Едни им велат: производството на деловите запре и, здравје, никој не знае кога ќе продолжи. Другите ги прекоруваат: ви рековме да не ја инсталирате таа навигација.
Влечната служба, пак, друга приказна. Заглавила три магистрали погоре, ја гледаат, мавтаат со рацете, ама пред неа стојат купишта возила заглавени од истава фирма за собирање смет.
И батеријата на мобилниот им е при крај, а чаре нема.
Светлата европска иднина
Додека возачот се мисли кој пат да го фати, сопатниците веќе ги фаќа нервоза:
„Кој ѓавол те натера да свртиш. Како дојдовме до тука?“
„Ми рекоа тргни ти, па ќе ти кажеме“- тивко им одговара.
Топло е и станува задушливо во автомобилот, а и децата одзади веќе ги фаќа нервоза. Да отвори прозорец не бива – смрди не се издржува од контејнерите кои требаше да ги исчисти ѓубреџијата. Може да ја вклучи климата, арно ама, бензинот нема да му издржи ни до наесен, а зима доаѓа. А и седењето во автомобил не е пријатно: кичмата се витка, нозете болат… треба нешто и да се јаде.
Рој мисли му се мотаат по главата на возачот додека филмот му се враќа неколку дена претходно кога едни му велеа: „Ич не тргај на патот“, а други: „Не се секирај, навигацијата ќе те донесе кај нас без проблеми“.
А како да одбие кога протоколот веќе беше подготвен на највисоко ниво?
На сите патници во автомобилот им испланираа убава улога на налицкан статист, кој по семејното фото на самитот ЕУ-Западен Балкан, ќе биде „потапшан” по рамо и нежно погален по глава како најдобар ученик од друштвото, кое, благодарение на лидерството на Емануел Макрон и принципиелноста на Бојко Борисов, повторно ита кон светла европска иднина.
Тоа, како што видовме, „во тој момент“, не бидна, а ученикот, долго фален како најдобар во класот, сега мора на поправен. Ако успее да положи на поправниот испит, има шанса да му ја отворат задната врата и да го пуштат кај домарот од каде во следните години и децении ќе може да гледа кон импресивната училишна сала каде се собираат големите деца, со сите петки, и да се надева дека на излегување, по часовите, некој од петкашите ќе му направи „да пукне”, а ако им се бендиса и да го викнат да поиграат топка зад училишниот двор.
Клупата за резерви
А ако не успее да си го поправи „кецот“ ниту на полагање, ќе ги гледа петкашите од далеку, од зад оградата. Ако има среќа да биде во вистинското време на вистинското место, таман кога на големиот одмор топката ќе пребега отаде школската ограда, па да им ја врати убаво, со поднаведната глава, можеби, петкашите ќе се сожалат па, кога веќе не може да си ја научи лекцијата, ученикот барем ќе добие место на клупата за резерви.
Ако не, има и други училишта.
Како што деновиве видовме и во Македонија, дури и со сите петки, не можат сите деца да се запишат во француски лицеј. Останатите имаат можност да бираат меѓу руски мировни студии – редноста тука е што по неколкумесечна пракса, ако преживеете, одите директно на виша школа со гарантирана диплома. Солидна опција е и кинески политехнички смер, со можност, додека го доградат Патот на свилата од Кичево до Охрид, да добиете и бесплатен курикулум за човекови права и демократија.
Конечно, не е лошо да се погледне програмата и во српското угостителско училиште, каде од 1990-те наваму немаше голем интерес за упис, но последниов период се бара место повеќе затоа што часовите по печење „шљива” одат со божји благослов. Дури и да не добиете диплома, а тоа е еден вид бонус, само со лична карта и два часа чекање на Табановце, можете да побарате работа во некоја странска фабрика околу Врање. Алтернативно, ако решите да правите сериозна кариера, секогаш се добри шансите „за малку да ви избега победата“ на „Звезде Гранда“!
Бугарската вечерна школа
Добрата вест е што тоа се само алтернативи.
Само навидум ставена како последна опција е бугарската вечерна школа која нуди богати историски и јазични курсеви за враќање кон корените. Формирана во духот на просветителството, со традиција уште од 19. век, во неа наставата можете да ја посетувате и во некоја агенција низ земјата, или да прошетате до Благоевград ако веќе немате пари за до Софија.
Дипломата ја нарекуваат „произход“ и можете да ја добиете во две верзии како „рамка“ или „јамка“. Ќе забележите секако дека двете именки се разликуваат само во една буква, но тоа не е безначајно. Потребни се големи финеси и остро око за да ја забележите разликата. Со оглед на јазичната гимнастика која ја сведочиме последните денови, и некоја запирка на погрешно место може да ви ја смени судбината, а не пак цела една буква. Ѓаволот, велат, е во деталите, а обичниот човек не може така лесно да ги забележи.
„Рамката”, е диплома со многу поволности и нека не ве плаши тоа што некои ја нарекуваат неформална. Тоа е така само затоа што никој формално не ја видел, и така невидена ту ја прифаќаат, ту ја одбиваат. А всушност, ќе си спечалите светска диплома со „всичките екстри“.
Со европски печат, автограм од Макрон, ЦД (или УСБ со доплата) од неговите собрани дела за реформа на ЕУ во повеќе тома, и мала кукличка со неговиот лик која се става на предниот дел од автомобилот, слатко се ниша со главата и на секоја дупка извикува: „северномакедонци“. Фала Богу, дупки по нашиве патишта има колку сакате и наместо да го пцуете „Македонија пат“, ќе му кажете сѐ во лице на европскиот преродбеник.
Ако, пак, сакате да возите по мазни европски патишта кон некоја „бауштела“ во Германија или Швајцарија, а идентитетот да ви остане забетониран и нечепнат, за Вас е втората опција. Не е случајно што таа веќе со децении е омилена диплома на многу Македонци и Македонки. Факт е, тука дарувањето не е толку богато како во претходниот случај, ама па кога е идентитетот во прашање, за ситни подароци ли ќе се продавате? За квалитетот на „јамката“ гарантира бугарското Народно Собрание, а ако имате среќа и се пријавите на време, ќе добиете и вредна меморабилија – лист хартија на кој пишува „Македонија е бугарска“- во оригинал.
Додека стоел пред високиот ѕид, во слепата уличка на патот кон ЕУ, нервозните сопатници повторно му дофрлиле на возачот: „Што правиме?“
„Диплома си е диплома“, им рекол отсечно, „дојдовме до овде, па нема за една буква сега проблем да правиме“.
„Ама чекај, како дојдовме до овде?“
Доје Веле