Првиот брод со жито кој пристигна од Украина од почетокот на војната со Русија продолжува кон Либан откако денес во Истанбул му беше извршена инспекција од тимот на Заедничкиот координативен центар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Товарниот брод „Разони“, под знамето на Сиера Леоне, кој превезува над 26.500 тони пченка, се закотви во близина на турскиот брег кај влезот на Црното Море, во Босфорскиот Теснец, во синоќа поради заеднички инспекции. Тој исплови од украинското пристаниште Одеса во понеделникот по историскиот договор посредуван од Анкара и ОН минатиот месец за извоз на украинското жито.
Инспекциите траеја над еден час. По добивањето на безбедносен сертификат во Истанбул, бродот се упатува кон пристаништето во Триполи, Либан.
Министерот за инфраструктура на Украина, Олександр Кубраков, исто така, на Твитер напиша дека на бродот е успешно спроведена инспекција од страна на делегацијата, додавајќи дека е подготвен да го продолжи патувањето до пристаништето во Триполи.
Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа историски договор на 22 јули за повторно отворање на три украински пристаништа – Одеса, Черноморск и Јужни – за житото што со месеци беше блокирано поради војната на Русија и Украина, која трае веќе шест месеци.
За надгледување на извозот на украинското жито, Заедничкиот координативен центар во Истанбул официјално започна со работа на 27 јули, составен од претставници од Туркије, ОН, Русија и Украина за да овозможи безбеден транспорт со трговски бродови со комерцијални прехранбени производи и ѓубрива од три клучни пристаништа на Црното Море.
Претходно, турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, рече дека Заедничкиот координативен центар се состои од пет претставници – и воени и цивилни – од Туркије, Русија, Украина и ОН и дека нема да има воен елемент на теренот.
извор:Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).