Димитров: Зачестената употреба на „северномакедонци“ кај странските дипломати освен што е навреда за Македонците е и подривање на Преспанскиот договор

Поранешниот вицепремиер за европски прашања и МНР, Никола Димитров реагираше на социјалните мрежи дека во последно време зачестена е употребата на „северномакедонци“ кај странските дипломати и функционери.

-Во последно време зачести употребата на непостоечкиот термин “северномакедонци” од страна на претставници на земји – наши пријатели, кои го поддржуваат Преспанскиот договор.

Но, еден од двата клучни столба на компромисот на Преспанскиот договор, е токму самоопределувањето како Македонци кои зборуваат македонски јазик, нешто што самиот Договор го гарантира.

Со други зборови “Cеверна Македонија” е можна само доколку во неа живеат Македонци, заедно со своите сограѓани и тоа така мора да се почитува.

Затоа секоја употреба на терминот “северномакедонци” освен што е навреда за Македонците е и подривање на Преспанскиот договор.

Очигледно е потребен далеку посериозен фокус на нашата дипломатија за овој недвосмислен наратив да се промовира во меѓународните односи и да се превенира оваа појава бидејќи се чини дека во последниве месеци тоа никој не го работи.

Тоа е недозволиво.

Особено имајќи предвид дека во овој период една земја членка на ЕУ и наш сосед директно го негира токму македонскиот идентитет и јазик.

Мора да се работи и проактивно, но и редовно и ажурно да се реагира на секоја погрешна употреба без исклучок сѐ додека меѓународната пракса не биде целосно на линија со одредбите на Договорот.

Извор: ФБ Никола Димитров