Српски Курир: 30.000 работници од Македонија и Албанија во септември доаѓаат во Србија – кај нас платата е дупла

0
424

Околу 30.000 многу потребни занаетчии, лекари и медицински сестри и техничари од Северна Македонија и Албанија од септември ќе дојдат на работа во Србија без никакви дополнителни документи, работни визи и посебни дозволи, пишува српски курир.

Тоа ќе биде овозможено благодарение на иницијативата „Отворен Балкан“ и отворањето на единствениот пазар на труд. Дополнително, целиот наш регион ќе стане многу поатрактивен за странските инвеститори бидејќи полесно ќе ги најдат работниците што им недостасуваат, сметаат експертите.

Директорот на Канцеларијата за ИТ и е-Влада Михаило Јовановиќ рече дека сите занимања што ни се потребни се интересни за луѓето од Северна Македонија и Албанија.

– Сметаме дека ќе има работници кои ќе дојдат со завршено високо образование, но и оние кои имаат основно и средно образование. Градежништвото и работниците во областа на земјоделството се многу барани. Треба да има многу заинтересирани и за здравството бидејќи платите овде се повисоки. Сепак, уште поважно е што како регион сите ќе станеме многу поинтересни за странските инвеститори бидејќи побрзо и полесно ќе се дојде до работниците, а тоа е една од причините тие да инвестираат во овој дел од Европа – вели Јовановиќ.

Граѓаните на Србија, Северна Македонија и Албанија ќе можат да се вработат во овие земји со идентификациски броеви „Отворен Балкан“ без дополнителни административни бариери.

Предвидено е граѓанинот кој сака да се вработи во една од овие три земји, да ги внесува своите податоци преку порталот е-Влада и на тој начин да го добие идентификацискиот број на иницијативата „Отворен Балкан“. Секој граѓанин кој ќе пристапи до порталот и ќе го добие тој број ќе може непречено да пристапи до пазарите на трудот на сите три земји.

Целта е постапката да биде иста во Србија, Северна Македонија и Албанија.

Просечната плата во Србија е 631 евро, додека граѓаните на Северна Македонија во просек заработуваат 360, а Албанија 248 евра месечно.

извор: Курир.