ФБИ го конфискуваше телефонот на републиканскиот конгресмен Скот Пери ден по рацијата во домот на Трамп

Еден ден по рацијата во домот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп на Флорида, ФБИ вчера го конфискуваше мобилниот телефон на републиканскиот пратеник Скот Пери од Пенсилванија, сојузник на Трамп, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Утрово додека сум на патување со моето семејство, ме посетија тројца агенти на ФБИ и ми го запленија мобилниот телефон“, изјави Пери за „Си-би-ес њуз“ (CBS News).

Пери тврдеше дека тие не се обиделе да стапат во контакт со неговиот адвокат, кој би се договорил да го земат неговиот телефон доколку тоа е нивна желба.

„Огорчен сум – иако не и изненаден – што ФБИ под раководство на Министерството за правда на Мерик Гарланд ќе го заплени телефонот на член на Конгресот“, рече тој во својата изјава.

Тој потоа рече дека „ваквите тактики на банана република треба да го загрижуваат секој граѓанин“.

Трамп во понеделникот рече дека неговиот имот во Мар-а-Лаго на Флорида бил претресен од ФБИ, осудувајќи го невидениот „напад“.

„Мојот прекрасен дом, Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, моментално е под опсада, рација и окупиран од голема група агенти на ФБИ“, рече тој во изјавата на неговата платформа „Спасете ја Америка“.

Трамп ја критикуваше ненајавената посета, велејќи дека „таков напад може да се случи само во сиромашни земји од третиот свет“.

Тој рече дека САД сега станаа една од тие земји, „корумпирани на ниво невидено досега“.

„Ми го отворија дури и сефот!“, тврдеше поранешниот претседател, жалејќи се дека „никогаш вакво нешто не му се случило на претседател на САД“.

Трамп ги обвини своите противници за злоупотребување на Обвинителството и користење на правосудниот систем како оружје.

Подоцна медиумите изјавија дека се чини дека потрагата била фокусирана на материјал што Трамп „го донел со себе во Мар-а-Лаго“, цитирајќи луѓе запознаени со истрагата.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).