Отстранета е плочата во чест на АСНОМ којашто беше поставена во параклисот на манастирот Св. Прохор Пчињски. Десетина дена откако во манастирскиот комплекс по подолга пауза македонска делегација присуствуваше на одбележувањето на 2 август Илинден и Денот на Републиката, на дел од порталите се појави фотографија на која се гледа дека спомен плочата ја нема останато е расфрланото цвеќе кое го положи делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски. Од неговиот кабинет потврдуваат дека плочата е отстранета, појаснувајќи дека била поставена само за да се реализира посетата на македонската делегација.
„Плочата којашто беше поставена во манастирот „Св. Прохор Пчински“ беше од времен карактер со цел да се реализира посетата на претседателот Пендаровски и државната делегација, за прв пат по повеќе години. Тогаш беше договорено во најбрз можен рок да се формираат работни групи составени од претставници од двете министерства за надворешни работи, министерствата за култура, како и од други државни институции коишто ќе ги утврдат начинот и формата за прослава на 2 Август, Илинден во „Св. Прохор Пчински“ за наредната година.
Спомен плочата која беше напишана на македонски и српски јазик, беше поставена откако автентичната била изгубена по нејзиното отстранување во деведесеттите години од минатиот век. Но тогаш немаше информација дека се работи за плоча од времен карактер. Дали и кога ќе биде поставена нова спомен плоча засега не се знае.
извор: Архива