По Ванчо Михајлов во Битола, Цар Борис III во Охрид и Богданци ќе добие бугарски културен центар.
На ова со став се јави и претседателот Стево Пендаровски кој вели дека за жал, како држава, од неодамнешното именување на клубот во Битола според историски докажан соработник на нацистичкиот режим, не сме извлекле поука, објави Република.
„Потребни се итни измени на Законот за здруженија и фондации во кој на недвосмислен начин правно ќе се уредат нивните називи, вклучувајќи ја и постапката за регистрација на називи што вклучуваат историски настани и личности. За таа цел потребно е да се определи надлежна институција која ќе дава задолжителна согласност во постапката за регистрација, со претходна изработка на регистар на историски личности кои недвосмислено биле асоцирани со расистички идеологии, а не, како до сега, преку согласност на нивен роднина или наследник да може да се регистрира здружение со име на личност што неспорно ги повредува чувствата на дел од македонските граѓани“, порача Пендаровски.
Според него, потребно е да се нагласи дека и во постојните прописи и покрај правните празнини и недоречености, постојат правни можности за реакција на институциите и тие треба да дејствуваат во таа насока без да си ја префрлаат одговорноста.
извор: Република
фото: Архива