Од 1 јануари државјанство во електронска форма и барање за пасош и лична карта по електронски пат

Со цел подобрување на искуството на граѓаните при вадење на лични документи и спроведување на целосна дигитализација на процесите, ова раководство на МВР пристапи кон хармонизирање на законска регулатива со европското законодавство, со тоа што беа предложени законски измени коишто Собранието на РСМ ги усвои во март годинава, а стапуваат на сила 1 јануари 2023 година.
▶️Отвораме можност Уверението за државјанство да се издаде и во форма на електронски документ на Националниот портал за електронски услуги или преку квалификувана електронска препорачана достава на електронска адреса, а истото може да се докаже и со податоци содржани во Националниот регистар на население.
▶️Согласно измените и дополнувањата на Закон за лична карта, Закон за патни исправи, Закон за лично име, Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, граѓаните може да поднесат барање и во електронска форма преку Националниот портал за електронски услуги.
▶️Во постапки определени со закон, како што е прибавување на доказ за објава во Службен Весник за загубена лична карта, истиот го прибавува МВР по службена должност преку Националната платформа за интероперабилност.
▶️МВР може да издаде решение за поништување на матичен број на граѓанин или странец како електронски документ.
Со цел усогласување со дигитализацијата на процесите поврзани со постапките утврдени со закон, формирани се работни групи во Министерството кои работат на ревидирање на законите и подзаконските акти во надлежност на МВР, и тоа: Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, Закон за оружјето, Закон за детективската дејност, Закон за странци, Закон за полиција, Закон за меѓународна и привремена заштита, Закон за заштита од експлозивни материи, Закон за следење на комуникациите, Закон за прометот на експлозивни материи, Закон за приватно обезбедување.

извор: МВР